Затворањето на Ормускиот теснец по нападите врз Иран предизвика нагло зголемување на цените на гасот во Европа, што дополнително го оптоварува енергетскиот систем на континентот. Како што пренесува Euronews, цената на природниот гас скокнала за околу 60 проценти, што ги натера економистите да ги ревидираат прогнозите за економскиот раст и инфлацијата во 2026 година.
Холандските TTF фјучерси за природен гас (главниот европски бенчмарк) достигнаа околу 50 евра за мегават-час, што претставува најсилен енергетски шок за Европа од кризата во 2022 година.
Проблемот доаѓа во момент кога европските резерви на гас се веќе на многу ниско ниво. Според податоците, складиштата на гас на континентот се полни само околу 30 проценти, додека во Германија, најголемата економија во Европа, резервите паднале на околу 21,6 проценти.
Ормускиот теснец е една од најважните енергетски рути во светот. Низ него минуваат околу 20 проценти од глобалната трговија со нафта и значителен дел од светската трговија со течен природен гас (LNG). За Европа ова е особено важно бидејќи Катар обезбедува околу 15 проценти од европскиот увоз на LNG.
По намалувањето на увозот на руски енергенси по 2022 година, Европа стана уште позависна од енергетските испораки од Блискиот Исток.
Економистите предупредуваат дека нарушувањето на транспортните рути може сериозно да влијае врз европската економија. Според анализата на Oxford Economics, конфликтот може да ја зголеми инфлацијата во еврозоната за 0,3 до 0,5 процентни поени во 2026 година, што би ја довело на околу 2,3 проценти.
Покрај тоа, повисоките цени на енергијата ја намалуваат куповната моќ на домаќинствата и го успоруваат економскиот раст. Економистите проценуваат дека растот на БДП во еврозоната би можел да се намали за околу 0,1 процентен поен и да изнесува приближно 1 процент оваа година.
Аналитичарите на Goldman Sachs исто така ги ревидираа своите прогнози за економскиот раст и инфлацијата поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Доколку кризата се продлабочи, цената на нафтата би можела да достигне околу 100 долари за барел, а гасот до 100 евра за мегават-час. Во таков сценарио инфлацијата во Европа би можела значително да се зголеми, а Европската централна банка повторно да размислува за зголемување на каматните стапки.
Војната веќе предизвикува и сериозни нарушувања во глобалната логистика. Неколку големи бродски компании го прекинаа транспортот кон пристаништата во Персискиот Залив, а околу 100 контејнерски бродови останале заглавени во регионот.
Дополнителен проблем е и авионскиот транспорт. Авиокомпаниите од Персискиот Залив, кои обезбедуваат значителен дел од глобалниот воздушен карго транспорт, ги намалиле летовите поради безбедносните ризици.
Како резултат на тоа, трошоците за транспорт веќе почнаа да растат, а цените за воздушен карго превоз од Југоисточна Азија до Европа пораснале за повеќе од 6 проценти во последните денови.
Финансиските пазари исто така реагираат на геополитичката неизвесност. Еврото ослабна за околу 1,8 проценти во однос на американскиот долар, додека валутите во Централна и Источна Европа бележат уште поголеми падови.
Според експертите, кризата уште еднаш ја покажува ранливоста на новиот енергетски модел на Европа, кој по намалувањето на руските испораки сè повеќе се потпира на течен природен гас што пристигнува по морски пат.