Европа се вооружува – Петте најсилни армии вложуваат во автономни воени дронови

Германија, Британија, Франција, Италија и Полска најавуваат заедничка иницијатива за развој на беспилотни системи и зголемување на европското воено производство.
Foto: Wojtek Radwanski

Петте најголеми европски одбранбени сили подготвуваат план за заедничко вложување во воени дронови, како дел од пошироки напори за зајакнување на одбранбената индустрија во услови на војната во Украина и прашањата околу идната улога на САД во НАТО, пренесува Ројтерс.

Според документ што го видел Ројтерс и извор од полското Министерство за одбрана, Германија, Франција, Италија, Полска и Велика Британија сакаат да соработуваат во развој на автономни дронови. Иницијативата доаѓа во време кога искуствата од војната во Украина покажаа дека автономните дронови-пресретнувачи можат да бидат поевтина алтернатива на скапите системи за противвоздушна одбрана.

Министрите за одбрана на петте земји треба да се состанат во Краков, Полска. Станува збор за држави со најголеми воени буџети во Европа.

Во нацрт-документот, чија содржина сè уште може да биде изменета, министрите наведуваат дека поддржуваат „реално зголемување на производствените капацитети на европската одбранбена индустриска база“ и ја поздравуваат подготвеноста на Европската унија да обезбеди поголема фискална флексибилност за трошоци за одбрана, како и нови инструменти за кредитирање.

Во документот се наведува и дека одбранбените способности остануваат во национална надлежност, додека улогата на ЕУ е поддршка и координација. Петте земји најавуваат засилена соработка во рамки на НАТО и ЕУ за справување со руските хибридни закани и потврдуваат дека ќе продолжат со поддршката за Украина.

Како дел од иницијативата, договорено е покренување на проект наречен „LEAP“ (иницијатива за поволни ефектори и автономни платформи), со цел зголемување на соработката во развојот и набавката на автономни системи.

Во воената терминологија, „ефектори“ се компоненти на систем што создаваат физички ефект, додека „автономни платформи“ се беспилотни системи способни за самостојно донесување одлуки.

Министрите за одбрана треба формално да ја усогласат заедничката изјава. Понатамошните чекори ќе зависат од конкретизацијата на проектот и договорите за финансирање и набавка меѓу земјите-учеснички.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни