Европа во 2024 година со најтешки поплави во последната деценија

Европа минатата година се соочи со најобемните поплави од 2013 година наваму, при што дури 30% од реките на континентот беа погодени од сериозни поплави, покажува извештајот на Службата за климатски промени на ЕУ – Коперник и Светската метеоролошка организација (WMO).

Поплавите во 2024 година одзеле најмалку 335 животи и погодиле повеќе од 410.000 луѓе. Најмногу страдаше Западна Европа, а 2024 година е рангирана меѓу десетте највлажни години од 1950 година досега.

Штетите од невремето и поплавите се проценуваат на повеќе од 18 милијарди евра, што ги прави најскапи климатски катастрофи во Европа. Во глобални рамки, 2024 беше најтоплата година некогаш измерена, а Европа останува континентот што се загрева најбрзо.

„Секое ново зголемување на температурите го зголемува ризикот за нашите животи, економии и за планетата“, изјави генералната секретарка на WMO, Селесте Сауло.

Во извештајот се нагласува дека има и позитивни трендови – обновливите извори на енергија во Европа минатата година обезбедиле рекордни 45% од вкупното производство на електрична енергија, а поголемиот дел од европските градови веќе имаат стратегии за климатска адаптација.

Сепак, екстремните временски услови беа забележани низ целиот континент. Југоисточна Европа имала најдолг забележан топлотен бран – 13 дена, додека глечерите во Скандинавија се топеле со рекордна брзина. Источна Европа страдала од суши, а Западна од разорни поплави.

Околу третина од речната мрежа на Европа во 2024 година го надминала прагот на „високи поплави“, а 12% од мрежата била погодена од „тешки поплави“. Најмногу жртви и материјални штети биле предизвикани од поплавите во Валенсија во октомври, кога загинаа 232 лица. Истата година, бурата Борис донесе рекордни врнежи во централна Европа, со најпогодени Австрија, Чешка, Германија и Словачка.

Научниците предупредуваат дека климатските промени ја зголемуваат веројатноста за вакви врнежи, бидејќи потоплата атмосфера задржува повеќе водена пареа, што резултира со интензивен дожд. Во 2024 година е измерена рекордна концентрација на водена пареа во атмосферата.

Покрај климатските фактори, на поплавите влијаат и начинот на управување со реките, како и урбанистичкото планирање, кое често дозволува изградба на куќи и инфраструктура во ризични зони.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни