Европската Унија му испрати јасна порака на американскиот претседател Доналд Трамп дека нема да учествува во обезбедувањето на Ормутскиот теснец, клучен поморски пат кој Иран го блокираше по американско-израелските напади.
Министрите за надворешни работи на 27-те земји членки се состанаа во Брисел, каде по повеќечасовни разговори зад затворени врати ја отфрлија можноста за проширување на поморската мисија на ЕУ „Аспидес“ и оценија дека станува збор за американски проблем.
Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изјави дека постои желба за зајакнување на европското присуство во регионот, но дека нема поддршка за промена на мандатот со испраќање воени бродови во теснецот.
„Европа нема интерес за бескрајна војна. Ова не е европска војна, но европските интереси се директно загрозени“, изјави Калас, додавајќи дека ниту една земја членка не сака активно да влезе во конфликтот.
Во меѓувреме, Трамп изврши притисок врз европските сојузници, предупредувајќи дека одбивањето да помогнат може да има последици врз иднината на НАТО. Тој изјави дека очекува поддршка од Франција, но изрази незадоволство од ставот на Обединетото Кралство.
Остри реакции дојдоа и од Германија и Луксембург. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус истакна дека САД и Израел го избрале овој пат и дека Европа не ја започнала војната. Канцеларот Фридрих Мерц додаде дека НАТО е одбранбен, а не интервенционистички сојуз.
Луксембургскиот вицепремиер Ксавиер Бетел беше уште подиректен, порачувајќи дека неговата земја нема да прифати „уценување“ и дека нема да испраќа војска.
Од друга страна, американскиот амбасадор во НАТО повтори дека безбедноста на Ормутскиот теснец е и во интерес на Европа, со оглед на зависноста од нафта од регионот.
Теснецот, низ кој поминува околу една петтина од светската нафта, останува практично затворен, што дополнително ги зголемува цените на енергенсите.
Лидерите на ЕУ ќе се состанат на самит во четврток, каде се очекува да повикаат на деескалација и воздржаност во Иран и поширокиот регион.