Топлината во Европа претставува сѐ поголема закана за човековото здравје, особено во контекст на климатските промени, предупредува СЗО. Се повеќе се зголемува бројот на луѓе изложени на екстремна жештина, а последиците се сериозни: топлотниот стрес е водечка причина за смртност поврзана со временски услови. Тој може да ги влоши хроничните заболувања како срцеви и респираторни болести, дијабетес, ментални нарушувања, а исто така го зголемува ризикот од несреќи и пренос на некои заразни болести. Топлотниот удар е итна медицинска состојба со висока стапка на смртност.
Според податоците, смртноста предизвикана од топлината кај лица постари од 65 години се зголемила за приближно 85% помеѓу 2000–2004 и 2017–2021. Студиите покажуваат дека во периодот од 2000–2019 годишно се случуваат околу 489.000 смртни случаи поврзани со топлината, од кои 45% се во Азија и 36% во Европа. Само во Европа, летото 2022 година донесе околу 61.672 дополнителни смртни случаи поврзани со топлотни бранови.
Топлината причина за зголемена смртност во Европа
Екстремно интензивните топлотни бранови можат да предизвикаат голема акутна смртност: во 2003 година, 70.000 луѓе во Европа починаа од јуни до август. Во 2010 година, 56.000 дополнителни смртни случаи се случија за време на 44-дневниот топлотен бран во Руската Федерација.
Ризикот не е еднаков за сите. Постарите лица, луѓето со хронични болести, работниците на отворено, урбаното сиромашно население и децата се меѓу најзагрозените. Физиолошките фактори како возраста и здравствената состојба, заедно со факторите на изложеност – како сиромаштија, вид на работа и лоши услови за живеење – значително ја зголемуваат ранливоста.
Топлотните бранови стануваат подолги, почести и поинтензивни. Продолжените периоди на високи температури, особено кога и ноќите остануваат жешки, го отежнуваат регулирањето на телесната температура и создаваат акумулиран стрес за организмот. Тоа доведува до топлотна исцрпеност, топлотен удар, зголемена работа на срцето и бубрезите, а кај хронично болните и до сериозно влошување на состојбата.
Овие екстремни временски настани имаат и пошироки социјални и економски последици – губење на работна способност, затворање на училишта, прекини во здравствените услуги поради прекин на струја, како и зголемено загадување на воздухот.
Сепак, негативните здравствени ефекти од топлината се предвидливи и во голема мера може да се спречат со соодветни мерки. Светската здравствена организација (СЗО) препорачува акциски планови за справување со топлотни бранови, системи за рано предупредување и адаптација на здравствениот сектор. Овие мерки вклучуваат мапирање на ризични групи, подобрување на инфраструкурните услови, едукација на здравствените работници и поддршка за најранливите категории на граѓани.
Индивидуалните и семејни мерки исто така се клучни: престој во ладни простории, внесување доволно течности, избегнување физички напор во најтоплите часови од денот, носење лесна облека, и проверка на постари и болни членови од заедницата. Никогаш не оставајте деца или животни во паркирани возила – температурата може да стане фатална за само неколку минути.
Климатските промени ќе продолжат да ги зголемуваат топлотните ризици во Европа и светот и затоа е потребна координирана акција – од индивидуално, преку локално до глобално ниво. Здравствените институции мора да бидат подготвени, а граѓаните информирани. Преку подигање на јавната свест, спроведување превентивни политики и инвестиции во отпорна инфраструктура, можеме да спасиме животи и да изградиме побезбедни заедници во времето на климатски промени.
Извор СЗО