Европа се враќа на воени рокови: ЕУ развива нови модели за регрутација и одбрана

Европа повторно разгледува воени рокови. ЕУ воведува нови модели на регрутација додека расте заканата од Русија и падот на бројноста на армиите

Европа сè поинтензивно се враќа кон моделите на воена обука и регрутација, во обид да ги зајакне своите одбранбени капацитети во услови на зголемени геополитички тензии. Со растечката загриженост од потенцијална руска закана и со неизвесност околу американската подготвеност да ја гарантира безбедноста на европските сојузници, земјите-членки на ЕУ повторно ги отвораат прашањата за бројноста и подготвеноста на армиите.

Франција оваа недела станува најновата држава која ќе претстави план за проширување на воените капацитети. Претседателот Емануел Макрон треба да најави повторно воведување на воена служба – но на доброволна основа – речиси 30 години по укинувањето на задолжителната регрутација. Според „Гардијан“, европските армии и понатаму ја гледаат Русија како потенцијална директна закана во период од две до пет години.

Иако многу земји вложуваат значителни средства во воената индустрија, прашањето како да се зголеми бројот на професионални војници станува подеднакво општествено и политички чувствително. Врвниот француски генерал Фабиен Мандон предизвика жестоки реакции кога предупреди дека Франција мора да биде подготвена „да ги загуби своите деца“ во идни конфликти.

Според Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS), повеќето европски армии се борат да привлечат и задржат доволно воен кадар и резервисти. Затоа, земјите сè повеќе разгледуваат различни модели – од доброволни програми, до селективна регрутација и делумно враќање на задолжителниот воен рок.

Северните и балтичките земји се меѓу предводниците на овој тренд. Финска има еден од најголемите резервни состави во светот благодарение на општата задолжителна служба за мажи. Шведска ја обнови селективната регрутација во 2018 година, додека Данска оваа година го прошири системот и за жените. Естонија, Летонија и Литванија исто така применуваат различни хибридни модели, а Хрватска по 18 години повторно ја воведе служба за одбрана.

Иако анкетите покажуваат растечка поддршка за некаква форма на служба во Германија, Франција и Полска, многу земји сè уште бираат претпазлив пристап. Експертите предупредуваат дека враќањето на задолжителната служба може да предизвика отпор и да ја ослаби јавната поддршка за одбранбените политики. Според нив, најуспешните европски модели се засноваат на доброволност, но бараат време и континуиран општествен консензус.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни