Според податоците на Европската опсерваторија за суша од средината на март, делови од Полска, Украина, Грција, Балканот, Шведска, Ирска, Германија и други земји се веќе во портокаловата зона на „предупредување“, додека југоисточниот брег на Шпанија е под црвен аларм.
Најтопол март откако се водат мерења
Главниот истражувач на опсерваторијата, Андреа Торети, изјави дека сегашната суша е поттикната од комбинација на недостаток на врнежи и невообичаено топло време – Европа го забележа најтоплиот март откако постојат мерења.
„Ситуацијата е загрижувачка, особено во Централна и Источна Европа, каде што сушните услови траат веќе 60 до 80 дена. Внимателно ја следиме состојбата бидејќи се развива многу брзо“, вели Торети.
Според него, сегашните услови потсетуваат на оние што ѝ претходеа на катастрофалната суша во 2018 година. Колку ќе биде сериозна сушата оваа година ќе зависи од временските услови во следните неколку недели – а прогнозите не се охрабрувачки.
„Доколку не падне дожд, би можеле да се соочиме со сериозни последици за земјоделството. Климатските прогнози за следните три месеци во веќе погодените подрачја не се ветувачки“, предупредува Торети.
Горниот слој на земјата веќе е исушен
Ситуацијата особено брзо се влошува во Германија. Според податоците на германскиот Хелмхолц центар, повеќе од половина од територијата на државата е обележана со темноцрвена боја, што означува „исклучително“ сув горен слој на почвата. Иако подлабоките слоеви се во нешто подобра состојба, токму горниот слој е клучен за младите растенија и насади кои сега се одгледуваат.
Покрај тоа, водостојот на реката Рајна – клучна транспортна артерија за Западна Европа – е на ниво карактеристично за летниот период. Бродовите сега можат да превезуваат помалку од половина од вообичаениот товар, што ги зголемува логистичките трошоци и ги забавува синџирите на снабдување.
Белгија со рекордно малку врнежи
Белгија, која минатата година ја имаше најврнежливата година досега, сега се соочува со драматичен пад на врнежите. Според Кралскиот метеоролошки институт, од 1 март до почетокот на оваа недела, во Брисел паднале само 7.8 милиметри дожд, а во 33 од тие денови – воопшто немало дожд. Просекот за овој период изнесува околу 50 милиметри.
Засега Белгија не е во висок ризик од суша поради добрите резерви на подземни води.
Полска и Украина – загрозени житни резерви
Во многу полоша состојба се земјите во Централна и Источна Европа, каде што сушната зима не му дозволи на земјиштето да се опорави од минатогодишната суша. Најпогодени се Полска и Украина – клучни извозници на жито на светско ниво.
„Лошата сезона за житарици поради интензивна суша може сериозно да го погоди глобалниот пазар на жито“, вели земјоделскиот истражувач Клас Нендел, кој предупредува дека ова би можела да биде „сушна година“ за регионот наречен „житница на Европа“.
Иако европските граѓани најверојатно нема да останат без леб, зголемените цени на житариците можат да ја дестабилизираат глобалната безбедност на храна, особено во услови на намалена хуманитарна помош од страна на САД.
Пожари и поплави – двете крајности
Сувите услови овозможуваат и полесно ширење на шумски пожари. Во Лихтенштајн и Австрија веќе има сериозни предупредувања, а во Украина ситуацијата е уште покритична поради ракетните напади што предизвикуваат пожари на исушените полиња и шуми.
Додека голем дел од Европа се бори со суша, на Канарските Острови ситуацијата е спротивна – островот Ланзароте викендов прогласи вонредна состојба поради обилни дождови и поплави.
Европската комисија под притисок
Се зголемува притисокот врз Европската комисија да предложи конкретни мерки во рамки на долгоочекуваната Стратегија за водна отпорност, која треба да биде објавена во јуни. Документот треба да одговори на двојниот предизвик со кој се соочува Европа – премногу или премалку вода – предизвикан од климатските промени.