Унгарскиот премиер Виктор Орбан нема да им недостига на мнозинството европски лидери ако ги загуби изборите на 12 април, откако блокираше клучни политики, меѓу кои и виталната поддршка за Украина. Но, дури и ако неговиот ривал победи, не се очекува Будимпешта целосно да го смени својот пристап кон Европа.
Повеќето анкети сугерираат дека националистичката партија Фидес на Орбан, која е на власт од 2010 година, би можела да загуби од Тиса, десноцентристичката партија на Петер Маѓар.
Се очекува победа на Маѓар
Орбан, кој одржува пријателски врски со рускиот претседател Владимир Путин и е близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, често ги лутеше партнерите од ЕУ, а неодамна го блокираше и заемот за Украина од 90 милијарди евра.
„Ова беше капката што ја прелеа чашата“, изјавил еден дипломат на ЕУ. „Од наша страна, надежта дека ќе го вразумиме Орбан исчезна“, додал тој.
Доколку Орбан ја загуби власта, дипломати од повеќе влади на ЕУ се надеваат дека ќе престане унгарската блокада на политики што се движат од заемот за Украина до санкциите против Русија и насилните израелски доселеници.
Ако Орбан победи и продолжи да го користи правото на вето, некои функционери очекуваат да се создаде притисок Унгарија да биде маргинализирана.
„Ако Орбан остане, ќе мора да го смениме начинот на кој работиме“, изјавил висок европски функционер.
„Сите се надеваат дека Орбан ќе загуби“
Reuters пренесува дека разговарал со повеќе од десетина сегашни и поранешни функционери упатени во односите меѓу Европа и Унгарија за импликациите од изборите следниот месец врз Европската унија. Говорејќи под услов на анонимност за да можат да дискутираат за внатрешната политика на земја членка, многумина отворено го изразиле своето незадоволство од Орбан.
„Мислам дека сите се надеваат дека Орбан ќе загуби“, рекол втор дипломат на ЕУ.
Европските функционери долго време се загрижени поради ерозијата на демократските норми во Унгарија, откако Орбан ја консолидираше извршната власт, ги ограничи медиумските слободи и активностите на невладините организации и водеше кампањи на омаловажување на Европската унија и нејзините политики.
Орбан ги негира обвинувањата за уривање на демократијата, претставувајќи се како бранител на традиционалните христијански вредности на Европа против отуѓената либерална елита.
Но, блиските врски на владата на Орбан со Кремљ, дури и по руската инвазија врз Украина во 2022 година, доведоа до подлабок раздор меѓу Будимпешта и многу западни престолнини.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц минатата недела изјави дека ветото на Орбан за заемот за Украина е чин на „груба нелојалност“ што му наштетил на угледот и способноста за дејствување на ЕУ.
Нема да има револуција ако опозицијата победи
Иако многумина во Брисел се надеваат на нова ера во односите со Будимпешта во случај на победа на Тиса, присутна е и претпазливост. Вера Јоурова, поранешна заменик-претседателка на Европската комисија, изјави за Reuters дека победата на опозицијата би ја „обновила шансата за единство во основните безбедносни прашања“ во блокот од 27 членки.
Но, Маѓар, кого во Брисел го паметат како остар преговарач додека бил унгарски дипломат, и понатаму би бил меѓу најскептичните гласови за миграцијата и можноста Украина да се приклучи кон Европската унија, велат функционери.
„Маѓар е од истото политичко семејство како Орбан, никој не очекува револуција“, рекол еден од дипломатите.
Подобрување на односите со Брисел и Украина
Маѓар изјавил дека сака цврсто да ја вкотви Унгарија во ЕУ и НАТО, а особено е заинтересиран за ослободување на поголемиот дел од околу 17 милијарди евра европски средства наменети за Унгарија. Брисел ги замрзна тие средства затоа што Орбан одбива да ги почитува стандардите за владеење на правото.
„Не очекувам промена од 180 степени во односите со ЕУ од влада предводена од Маѓар, но можеме да очекуваме поконструктивен однос со Брисел“, изјавил Ричард Демени, аналитичар во тинк-тенкот Political Capital со седиште во Будимпешта.
Советник на Маѓар, кој зборувал под услов на анонимност, рекол дека е точно оти неговата влада не би се разликувала многу од администрацијата на Орбан по прашањата за миграцијата и проширувањето на ЕУ.
„Но разликата е во тоа што Орбан го користеше тоа за уцена на Европската унија и за застапување руски интереси. Ние ќе ги застапуваме унгарските интереси“, додал советникот.