Европската комисија ја класифицираше Белгија меѓу земјите со висок ризик во однос на миграцискиот притисок, заедно со Германија, Франција, Ирска, Холандија и Полска.
Во извештај објавен во вторник, комисијата забележува континуирани подобрувања во управувањето со мигрантските текови помеѓу јули 2024 и јуни 2025 година, вклучително и пад од 35 проценти на нелегалните гранични преминувања.
Сепак, предизвиците остануваат, како што се нерегуларните пристигнувања и сместување на бегалци од Украина, според „Бруселс тајмс“.
Земјите беа рангирани врз основа на бројот на мигранти, барањата за азил, БДП и големината на населението. Белгија е меѓу 12-те земји класифицирани како земји кои се соочуваат со „ризик од миграциски притисок“.
Овие земји со висок ризик се карактеризираат со значителна популација на мигранти, оптоварени системи за прием или случаи каде што миграцијата се користела како средство за притисок, како што претходно беше видено во Полска. Земјите во оваа категорија можат да добијат финансиска поддршка од алатките на ЕУ според пактот за миграција воведен во јуни 2024 година.
Други земји кои се соочуваат со миграциски притисок се Кипар, Грција, Италија и Шпанија, главно поради големиот број пристигнувања. Овие земји ќе имаат право на поддршка преку механизмот за солидарност на ЕУ, кој овозможува прераспределба на мигрантите меѓу земјите-членки.
Европската комисија предложи нов механизам за „здружена солидарност“ за оваа цел, иако деталите сè уште не се објавени.
Холандија, Белгија, Германија, Шведска и Финска изјавија дека ќе прифатат нови закони за прераспределба само доколку се обезбеди построго спроведување на Даблинските прописи.
Овие правила диктираат дека првата земја каде што е побаран азил ја сноси одговорноста за обработка на тоа барање.
