Проф. Калина Гривчева Старделова – ракот на дебелото црево е сè почест кај помладите

Традиционално, возраста над 50 години се смета за најкритична, со  повисока зачестеност кај машката популација. Сепак, современите податоци алармираат дека оваа граница се поместува. Денес, околу 1,7% од дијагностицираните случаи на светско ниво се кај помлади лица што значи дека будноста не смее да опадне дури и кај оваа возрасна група.

Колоректалниот карцином или познат кај народот како рак на дебелото црево, е меѓу најчестите малигни заболувања во светот, но и еден од ретките карциноми што може да се спречи со навремена превенција и скрининг. Сè почесто се отвора прашањето дали возраста на заболените се намалува, кои симптоми граѓаните ги игнорираат и зошто колоноскопијата сè уште предизвикува страв.

За овие прашања разговараме со проф. д-р Калина Гривчева Старделова, раководител на Одделот за интензивна нега при ЈЗУ Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија, која објаснува кои се клучните ризик-фактори, колку е важна раната дијагноза и како функционира скрининг-програмата во Македонија.

Во интервјуто за Трн.мк, таа открива и кои групи на население треба најитно да направат превентивен преглед, како и што може Македонија да научи од успешните европски примери.

Трн: Кои се најчестите ризик-фактори за појавата на колоректалниот карцином (КРК)?

Д-р Гривчева Старделова: Колоректалниот карцином (КРК) е заболување чиј развој е под силно влијание на нашиот начин на живот. Иако генетиката игра своја улога, научниот фокус сè повеќе се насочува кон т.н. модифицирачки фактори – оние навики врз кои имаме директна контрола и чија промена може значително да го намали ризикот. Меѓу клучните елементи кои го зголемуваат ризикот од ова заболување се издвојуваат:

  • Исхраната и мастите: Прекумерната консумација на црвено месо и високиот внес на заситени масти се директно поврзани со поголема инциденца на КРК. Истражувањата потврдуваат дека групите кои консумираат храна богата со масти се изложени на многу поголем ризик во споредба со оние кои практикуваат поумерена и балансирана диета.
  • Недоволен внес на растителни влакна: Редовното консумирање овошје и зеленчук делува како заштитен механизам, па нивното отсуство од менито е сериозен ризик-фактор.
  • Штетни навики: Пушењето, прекумерното консумирање алкохол и физичката неактивност дополнително ја влошуваат прогнозата.
  • Дебелината: Прекумерната телесна тежина останува еден од водечките предизвици во превенцијата на овој тип карцином.

Не смее да се занемари ниту биолошкиот аспект. Податокот дека дури 25% од пациентите со КРК имаат семејна историја на ова заболување, јасно укажува на постоење на наследна предиспозиција.

Иднината на третманот на ова заболување лежи во комбинираните научни студии. Тоа значи дека истражувањата на генетската основа во корелација со животниот стил ќе овозможи да се разберат нивните заеднички придонеси кон ризикот што, пак, ќе обезбеди прецизни алатки за персонализирана заштита и превенција кај ризичните популации.

Трн: Дали возраста на заболените се поместува надолу и дали сѐ почесто се дијагностицира кај помлади луѓе?

Д-р Гривчева Старделова: Традиционално, возраста над 50 години се смета за најкритична, со  повисока зачестеност кај машката популација. Сепак, современите податоци алармираат дека оваа граница се поместува. Денес, околу 1,7% од дијагностицираните случаи на светско ниво се кај помлади лица што значи дека будноста не смее да опадне дури и кај оваа возрасна група.

Трн: Кои симптоми граѓаните најчесто ги игнорираат,а може да бидат рани знаци за сериозно заболување?

Д-р Гривчева Старделова: Симптомите често зависат од тоа каде точно се наоѓа промената во дебелото црево. Доколку е на левата страна, најчесто се јавуваат видливи симптоми – крв во столицата, грчеви, лажни нагони за празнење и т.н. „парадоксални проливи“ (кога се исфрла само течна содржина). Промените на десната страна на дебелото црево често не даваат симптоми и тоа долго време. Првиот знак најчесто е анемија, поради дефицит на железо и видливо бледило, што е сериозен сигнал за консултација со лекар.

Трн: Колку е важна раната дијагноза кај ракот на дебелото црево и како таа влијае врз исходот на лекувањето?

Д-р Гривчева Старделова: Колоректалниот карцином е трет најчест тип кај мажите и втор кај жените, а воедно и четврта причина за смртност од рак во светот. Податокот дека 60 – 70% од случаите се откриваат во напредна фаза е загрижувачки. Откривањето во порана фаза, преку употреба на стратегии за скрининг, би овозможило подобри исходи во однос на намалувањето на товарот на болеста и врз пациентот и врз здравствениот систем. Како и за секоја малигна болест, така и за карциномот на дебело црево, раната дијагноза значи навремено оперативно лекување и онколошки третман и многу поголеми шанси за добар исход од лекувањето. Пациенти кои се оперираат во многу ран стадиумот на болеста најчесто и воопшто нема потреба да примаат онколошка терапија.

Трн: Зошто колоноскопијата сѐ уште буди страв кај пациентите и како да се надмине тој психолошки отпор?

Д-р Гривчева Старделова: Околу колоноскопијата постои неоправдана „фама“ – страв од претходната подготовка на цревата и митовите дека прегледот е исклучително болен. Реалноста е поинаква – повеќето пациенти по прегледот признаваат дека искуството не било ни приближно толку негативно колку што очекувале. За целосен комфор, на Клиниката се достапни прегледи со анестезиолошка поддршка, што овозможува колоноскопијата да помине во целосна релаксираност.

Трн: Како пациентите може да закажат преглед во скрининг-програмата?

Д-р Гривчева Старделова: За влез во скрининг-програмата не е потребно да се направи преглед кај  специјалист. Во системот „Мој термин“ е овозможено матичниот лекар да закаже колоноскопија за пациентите кои ги исполнуваат критериумите за преглед, пред сѐ тука е возраста, мажи и жени над 50 години или позитивна фамилијарна анамнеза. Сите матични и семејни доктори имаат можност да ги упатат овие пациенти директно на скрининг-преглед на Клиниката за гастроентерохепатологија. Другите пациенти, во зависност од симптомите, може да се упатат на специјалист како итни или, пак, по другите патеки дефинирани за прегледи, доколку симптомите го дозволуваат тоа.

Трн: Дали скринингот за рак на дебело црево е доволно достапен и искористен од граѓаните?

Д-р Гривчева Старделова: Скринингот за рак на дебело црево е достапен, но за жал постои впечаток дека не е и доволно искористен од граѓаните. Соодветните стратегии за скрининг можат да ја намалат инциденцата и морталитетот од КРК. Во последните неколку децении се предложени неколку тестови за скрининг на КРК. До денес, сè уште нема доволно докази за да се идентификува кој пристап е дефинитивно супериорен и затоа ниедна стратегија за скрининг не може да се дефинира како универзално идеална. Најдобрата стратегија би била онаа што може да биде економски одржлива и на која пациентот најдобро може да се придржува со текот на времето. Најновите упатства предлагаат колоноскопија на секои 10 години или годишен фекален имунохемиски-тест (FIT) за лица со нормален ризик. За лицата со висок ризик или наследни синдроми се дадени специфични препораки и првиот колоноскопски преглед се прави на порана возраст, не по навршување на 50 години.

Трн: Кои групи на население најмногу треба да бидат опфатени со редовни превентивни прегледи?

Д-р Гривчева Старделова: Превентивните прегледи се прават со цел да се откријат навремено потенцијалните прекурсори на КРК, полипите кои во одреден процент со тек на време можат да се изменат и да настане карцином. Овие полипи се отстрануваат и со тоа се спречува да се развијат во карцином или, пак, доколку веќе е настаната промената, карцином се открива во порана фаза. За разлика од САД каде со првиот превентивен преглед се започнува на 45-годишна возраст кај популација која нема семејна историја за карцином на дебело црево или за полипозна болест, во европските земји препорака е првиот преглед да биде направен на 50-годишна возраст. Контролни прегледи во САД се прават на секои пет години, а во европските држави се земаат предвид подготвеноста на цревото, наодот од прегледот и се толерира контрола и на десет години. Се смета дека до 65-годишна возраст би требало да бидат направени три прегледа во услови на добро подготвено црево.

Трн: Кои земји се пример за успешна превенција и рано откривање на овие карциноми и што Македонија може реално да преземе од тие искуства и да го примени во својот здравствен систем?

Д-р Гривчева Старделова: Словенија е пример за успешна и добро организирана превенција. Нивната СВИТ-програма со години одлично функционира и по првичното големо финансиско вложување во опрема и организација, веќе долго време носи заштеди на системот. Скриниг-програмата во нашата држава е направена во консултација со авторите на словенечката програма, приспособена за наши услови со перспектива да биде развиена на територија на целата земја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни