Европа во борба за Истанбулската конвенција: протести, политички отпор и милиони жени во ризик

Протести, политички турбуленции и пет нерешени ратификации ја држат Европа во борба за најважниот документ за заштита на жените.
Мапа на земји кои ја немаат потпишано конвенцијата
Photo: Europeangreens, Instagram

Европа повторно се соочува со тест за своите демократски и човекови вредности. Истанбулската конвенција – документот кој обезбедува системска заштита на жените од родово базирано насилство – стана центар на политички притисоци и граѓанска мобилизација низ повеќе земји.

Додека Европската Унија официјално пристапи кон Конвенцијата во 2023 година, пет земји членки – Бугарија, Чешка, Унгарија, Литванија и Словачка се на само еден чекор до ратификацијата. Не станува збор за одбивање, туку за земји кои формално уште не го завршиле процесот, оставајќи милиони жени без полна правна заштита која произлегува од Конвенцијата.

Во меѓувреме, Латвија отвори нова и загрижувачка фаза: земјата започна постапка за можно повлекување од Конвенцијата, предизвикувајќи огромна реакција во јавноста. Илјадници граѓани протестираа низ Рига, испраќајќи јасна порака до парламентот дека заштитата на жените не смее да стане политичка монета за поткусурување.

Фотографиите од протестите го прикажуваат незадоволството: транспаренти, знамиња, повици за солидарност и решителност. Благодарение на силниот граѓански отпор, одлуката за повлекување е стопирана — а конечниот збор ќе го има новиот состав на парламентот.

Photo: E. Blažys / LRT

Паралелно со ова, Турција останува потсетник на тоа како правата можат да се изгубат преку политички потези: земјата што прва ја ратификуваше Конвенцијата, во 2021 година драматично се повлече од неа. Сепак, граѓанските иницијативи и женските движења продолжуваат да се борат против конзервативните политики и назадувањето на правата.

На европско ниво, статистиката е сурова и недвосмислена:
Секои 11 минути една жена е убиена некаде во светот.
Една од три жени доживеала насилство по наполнети 15 години.
Една од 20 жени била силувана — многу од нив од партнер.

Затоа Истанбулската конвенција не е идеолошка тема, туку прашање на живот и смрт. Таа обезбедува стандарди за превенција, интервенција и заштита, создавајќи систем во кој институциите мора да реагираат, а жртвите добиваат механизми што навистина функционираат.

Петте земји кои сè уште не ја ратификувале Конвенцијата се само еден чекор до тоа да ја направат Европа побезбедно место за жените. Судбината на милиони жени е буквално во рацете на нивните влади.

Протестите во Латвија покажуваат нешто клучно: кога институциите се колебаат, граѓаните ја преземаат улогата на последни чувари на правата.

Пораката што се слуша низ континентот е јасна: Европа мора да ја заштити Истанбулската конвенција ако навистина сака да ги заштити жените.

И, како што истакнуваат активистите ширум Европа, зборувајќи за „жени“ – зборуваме за сите жени, независно од полот определен при раѓање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни