Европа гори – екстремните горештини стануваат смртоносна закана

Екстремните горештини што ја погодуваат Европа и Централна Азија веќе не се само климатска закана, туку сериозна здравствена криза. Ова е клучната порака од отвореното писмо на Паневропската комисија за клима и здравје, упатено до владите и здравствените власти на 53-те земји членки на европскиот регион на Светската здравствена организација (СЗО).

Комисијата предупредува дека топлотните бранови стануваат сè почести, поинтензивни и посмртоносни, оставајќи траг во статистиките за смртност која често се прикрива под други причини – како срцеви и мозочни удари или респираторни проблеми – но чиј вистински поттик, велат експертите, е јасен.

Рекорди и алармантни бројки

Според податоците, смртноста поврзана со топлина во последните две децении пораснала за 30%. Само во 2022 и 2023 година, во 35 европски држави биле регистрирани над 100.000 смртни случаи поврзани со екстремни горештини. Јуни 2025 година бил најтопол во историјата на мерењата во Западна Европа, а два силни топлотни бранови ја погодија регијата уште пред летото да достигне врв.

Климатските промени, дополнително, придонесуваат за ширење на болести што некогаш беа реткост во Европа. Само случаите на локално пренесен денга вирус во земјите на ЕУ/ЕЕА пораснале за 368% меѓу 2022 и 2024 година.

Кој е најзагрозен?

Најранливи групи се постарите лица, лицата со попреченост, бремените жени, малите деца, работниците на отворено, како и оние кои живеат во слабо изолирани домови. Комисијата предупредува дека топлотните бранови сериозно го влошуваат здравјето кај овие категории и го зголемуваат ризикот од сериозни компликации.

Притисок врз болниците

Горештините предизвикуваат нагол пораст на приеми во болниците, особено кај пациенти со кардиоваскуларни, респираторни и бубрежни проблеми. Психичкото здравје исто така е погодено – нарушен сон, зголемена анксиозност и намалена когнитивна функција се чести последици.

Особено ранлива е групата на пациенти со ментални заболувања, бидејќи одредени лекови ја попречуваат природната регулација на телесната температура. Од друга страна, и медицинскиот персонал е изложен на ризик од исцрпеност и прегревање, а системите за ладење и ИТ-инфраструктурата во болниците често откажуваат во екстремни услови.

Планови кои спасуваат животи

Комисијата потенцира дека плановите за делување при екстремни горештини се клучни и можат да спасат илјадници животи – но тие мора да се воведат веднаш, а не во некоја далечна иднина.

Во писмото се посочува и на врската меѓу климатските и здравствените решенија. Затруениот воздух во европскиот регион предизвикува повеќе од половина милион предвремени смртни случаи годишно, најчесто како последица од согорување на фосилни горива. Намалувањето на емисиите значи почист воздух и помалку смртни случаи – на глобално ниво, тоа би спасило над 5 милиони животи.

Зелените градови – поотпорни градови

Покрај техничките мерки, зголемувањето на зелените површини во урбаните средини значително го намалува ризикот од топлотен стрес, го подобрува менталното здравје и ги намалува трошоците за енергија. Проценките покажуваат дека зголемување на урбаното зеленило за 30% би можело да ја намали смртноста од горештини и до 40%.

Комисијата апелира овие мерки да се гледаат како паметна инвестиција, а економските показатели за успех да се редефинираат за во нивната срж да бидат здравјето, благосостојбата, праведноста и одржливоста.

„Не можеме да го аутсорсираме здравјето – ни нашето, ни здравјето на планетата. Двете се непроценливи и двете се загрозени“, стои во заклучокот на писмото потпишано од 14 членови на Комисијата, меѓу кои има поранешни премиери, министри и врвни меѓународни експерти.

Кој стои зад писмото?

Паневропската комисија за клима и здравје беше свикана од регионалниот директор на ВОЗ за Европа, д-р Ханс Хенри П. Клуге, со цел да обедини експерти од целата регија и да предложи храбри и итни решенија.

Меѓу потписниците се: поранешната премиерка на Исланд, Катрин Јакобсдотир, која е и претседателка на Комисијата; главниот научен советник Ендрју Хејнс; Мајлинда Брегу, поранешна генерална секретарка на Советот за регионална соработка; Ханс Брујнинкс, поранешен извршен директор на Европската агенција за животна средина; Сандрин Диксон-Деклева, почесна претседателка на Клубот на Рим; Омнија Ел Омрани, експертка за климатска политика од Империјал колеџ Лондон; како и поранешни министри за здравство од Германија, Холандија и други земји, универзитетски професори и високи функционери.

Со ваквиот состав, Комисијата ја испраќа најсилната порака досега: екстремните горештини се тука и мора да се третираат како итен здравствен предизвик, а не далечна климатска прогноза.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни