Европа го забавува развојот на ЛНГ терминали поради преценета побарувачка за гас

ИЕЕФА предупредува дека земјите ризикуваат непотребни инвестиции во ЛНГ инфраструктура, бидејќи потрошувачката на гас и увозот се очекува да опаднат до 2030 година.

Изградбата на терминали за увоз на течен природен гас (ЛНГ) во Европа губи замав, што укажува дека земјите низ континентот ја прецениле идната побарувачка за гас, соопшти денеска глобалниот независен Институт за економија на енергетиката и финансиски анализи (ИЕЕФА).

Институтот наведува дека Германија затворила или го одложила работењето на терминали, додека суд во Франција му наредила на еден да ја напушти локацијата во пристаништето Авр бидејќи не работи повеќе од една година.

Европската регасификација на ЛНГ во 2023 година е зголемена за 13 отсто во 2024 година за 8 отсто, а оваа година ќе порасне за 2 проценти, покажуваат ажурираните податоци на Институтот.

Забавувањето на изградбата на терминали за ЛНГ во Европа доаѓа во момент кога Институтот очекува пад на потрошувачката на гас за 15 проценти и увозот на ЛНГ на континентот за 20 отсто меѓу 2025 и 2030 година.

„Додека се оддалечува од увозот на руски гас преку цевководи, Европа инсталираше или прошири 19 ЛНГ терминали од почетокот на 2022 година. Сепак, низа неодамнешни откажувања и затворања на терминали укажуваат дека европските земји ја прецениле побарувачката на ЛНГ на континентот“, рече главната аналитичарка на Институтот, Ана Марија Јалер-Макаревич.

Таа додаде дека европските земји кои продолжуваат да градат или прошируваат терминали ризикуваат инвестиции во непотребна инфраструктура бидејќи енергетската транзиција се забрзува.

Институтот наведува дека Европа оваа година ја зголемила зависноста од увозот на ЛНГ откако на 1 јануари беше запрен приливот преку рускиот гасовод преку Украина.

Поради растот на побарувачката, европскиот увоз на ЛНГ е зголемен за 24 отсто во првите шест месеци во однос на првата половина на 2024 година, а водечки испорачувач биле САД.

Европскиот увоз на руски ЛНГ е зголемен за 2 отсто во првата половина на годината, што значи дека достигнал рекорд за шест месеци, соопшти Институтот.

Во однос на ЕУ, во првите шест месеци нејзиниот увоз на руски ЛНГ пораснал за 7 проценти во однос на истиот период една година претходно, наведе Институтот.

Се додава дека од почетокот на 2022 година до јуни 2025 година, земјите членки на ЕУ потрошиле на увоз на руски гас од цевководи и ЛНГ околу 120 милијарди евра. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни