Германија и неколку други европски земји соопштија денес дека ги суспендираат одлуките за барањата за азил на сириски државјани поради нејасната ситуација во Сирија по падот на Башар ал Асад. Германската Федерална канцеларија за миграции и бегалци соопшти дека моментално на чекање се повеќе од 47.000 барања. Соопштено е дека ќе се преиспита ситуацијата и дека ќе продолжат со донесувањето одлуки кога ситуацијата во Сирија ќе се стабилизира.
Портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Сонја Кок, нагласи дека одлуките за азил ги земаат предвид околностите на секој случај, што вклучува проценка на ситуацијата во земјата на подносителот на барањето. Таа рече дека миграционите власти имаат опција да дадат приоритет на случаите од други места ако ситуацијата е нејасна, како што е случајот сега во Сирија.
Министерката за внатрешни работи, Ненси Фејзер, изјави дека се уште не е можно да се предвиди „конкретната можност за враќање на Сириец во Сирија“ и дека би било „неозбиљно да се шпекулира за тоа во толку нестабилна ситуација“. Министерството за внатрешни работи исто така соопшти дека до 31. октомври во Германија имало скоро милион сириски државјани, од кои повеќето имале некаков вид на бегалски статус или друг вид заштита.
Австрискиот канцелар, Карл Нехамер, исто така го задолжи својот министер за внатрешни работи да ја суспендира одлуката за тековните барања за азил од Сириец.
„Важно е прво да се утврдат фактите, да се стави на чекање постапките за азил и повторно собирање на семејствата. Мора да почекаме да се смири прашината, да видиме што ќе се случува“, рече австрискиот министер за надворешни работи, Александер Шаленберг.
Шведската агенција за миграции соопшти дека исто така ќе ја стави на чекање одлуката за случаи на сириски азил, со образложение дека моментално не е можно да се процени причината на подносителите на барања за барање заштита. Не беше прецизирано колку ќе трае паузата, но беше соопштено дека слична одлука беше донесена кога Талибанците се вратија на власт во Авганистан во 2021 година.
Во Финска, директорот на Одделот за меѓународна заштита при финската имиграциона служба, Анти Лехтинен, изјави за јавниот сервис дека одлуките таму се суспендирани и дека не може веднаш да процени до кога ќе трае суспензијата.
Во Норвешка, Дирекцијата за имиграција објави слична одлука, соопштувајќи дека ги ставила на чекање барањата за азил од Сирија „до понатамошно известување“.
Француската влада вели дека размислувала да го следи примерот на Германија.
„Работиме на суспензијата на тековните досиеа за азил од Сирија. Треба да донесеме одлука во следните неколку часа“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Франција.
Во нивното соопштение се додава дека во Франција на чекање се 450 барања за азил на сириски државјани.
И Хрватска вчера донесе одлука да го суспендира давањето на азил за сириските државјани.