Европа седи на еколошка бомба: десетици илјади депонии ѝ се закануваат на питката вода

Новата паневропска мапа на стари и нерегулирани депонии открива дека илјадници локации се наоѓаат во поплавни подрачја – заканувајќи се со испуштање токсини во реки, почви и резерви на питка вода.

Европа се соочува со невидена еколошка закана: десетици илјади стари, нерегулирани депонии кои се често напуштени, непопречени и неевидентирани, се наоѓаат во зони што сè почесто се поплавуваат поради климатските промени. Новото заедничко истражување на The Guardian, Watershed Investigations и Investigate Europe по првпат го мапираше континентот и откри дека европските држави буквално седат врз „еколошка бомба“.

Според податоците, најмалку 61.000 историски депонии се идентификувани низ Европа, од кои 28% се на поплавни подрачја, а експертите предупредуваат дека реалниот број може да надмине 140.000. Проблемот е особено сериозен кај локации создадени пред да постојат еколошки стандарди — околу 90% од нив.

„Со зголемените поплави и ерозии предизвикани од климатските промени, расте и опасноста токсичниот отпад да биде одмиен во реките и почвата,“ предупредува др Патрик Бирн од Универзитетот „Џон Мурс“ во Ливерпул.

Во многу од овие депонии има материјали што денес се сметаат за строго контролирани токсини: „вечните хемикалии“ PFAS, PCB соединенија,тешки метали како олово, жива и кадмиум, како и индустриски и медицински отпад.

На депонијата Тилбери во Велика Британија биле пронајдени дури и стари болнички кесички со траги од крв што претставува алармантен индикатор за тоа што може да содржат илјадниците слични напуштени локации.

Истражувањето дополнително покажува дека повеќе од половина од депониите се во региони каде подземните води веќе не ги исполнуваат европските хемиски стандарди. Ова упатува на сомневање дека контаминацијата веќе е започната, а за жал во некои земји е научно потврдена.

Во Грција, пример, тестирањата во близина на некогашната депонија Маратолака откриле PFAS значително над дозволените граници, како и жива и кадмиум што се слеваат кон реката Недонтас.

Во Франција, Обединетото Кралство, Шпанија, Германија, Холандија и Италија, речиси 10.000 депонии се наоѓаат во зони за заштита на питка вода, а над 4.000 во Англија и Велс се стари, без каква било еколошка заштита.

Обалните региони под најголем ризик

Експертите предупредуваат дека ерозијата околу крајбрежните депонии е особено опасна: отпадот директно паѓа во морето и реките. Во анализата се наведува дека најмалку 335 депонии во Франција и Обединетото Кралство веќе трпат ерозија, а 258 низ Европа се наоѓаат во критичен појас од 200 метри од обалата.

Проф. Кејт Спенсер од Универзитетот „Квин Мери“ вели: „Ова е само врвот на ледениот брег. Мора итно да разбереме како климатските промени ќе влијаат врз сите историски депонии — не само крајбрежните.“

Илегалното одлагање станува организиран криминал

Европол предупредува дека нелегалното одлагање отпад е едно од најбрзо растечките полиња на организиран криминал. Во Хрватска годинава беа уапсени 13 лица за нелегален увоз на 35.000 тони отпад. Во Италија, мафијашките активности околу токсичниот отпад се поврзуваат со значително зголемени стапки на смртност.

Целото истражување открива уште еден проблем: ЕУ нема централен систем за евиденција на депониите, а државните регистри се нецелосни, архаични или едноставно недостапни за јавноста. Експертите предупредуваат дека без насеопфатна мапа, ризикот останува непредвидлив.

Што следува?

Проблемот е толку голем што некои земји веќе предвидуваат дека капацитетите за нови депонии ќе се исцрпат до 2050 година. Но најголема опасност доаѓа од старите локации – „неми бомби“ од минатото, кои климатските промени може да ги „активираат“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни