Екстремните временски настани поврзани со климатската криза предизвикаа повеќе од 765.000 смртни случаи низ целиот свет помеѓу 1993 и 2022 година.
Три европски земји се меѓу земјите што претрпуваат најголеми човечки и економски загуби поради екстремни временски услови, покажаува новиот извештај на Индексот на климатски ризик на Germanwatch.
Од 2006 година, овој Индекс покажува како екстремните временски настани влијаат врз земјите низ целиот свет.
Во изданието од 2025 година, на истиот, се наведува дека временските настани директно поврзани со климатската криза предизвикале повеќе од 765.000 смртни случаи низ целиот свет помеѓу 1993 и 2022 година. Регистрирани се повеќе од 9.400 екстремни временски настани, предизвикувајќи економски загуби од речиси 4,2 трилиони долари (4,02 трилиони евра).
Поплавите, бурите, топлотните бранови и сушите беа најразорни. Половина од жртвите загинаа само во поплавите. Сепак, најголемата економска штета беше предизвикана од силните бури, со вкупни загуби од 2,2 милијарди евра.
Кои европски земји се најпогодени од екстремни временски настани?
Три членки на Европската Унија се меѓу 10-те земји најпогодени од климатските промени.
Италија
Во текот на 30-те години опфатени со извештајот, Италија е петтата најпогодена земја во светот. Екстремните временски услови одзедоа околу 38.000 животи, додека економските загуби достигнаа 57,8 милијарди евра.
„Германвоч“ (Germanwatch) истакнува дека годините 2003 и 2022 година биле особено смртоносни поради екстремните температури и последиците од сушите, пожарите, намаленото земјоделско производство, оштетувањето на инфраструктурата и притисокот врз здравствениот систем и енергетската мрежа.
Исто така, се споменуваат големите поплави по течението на реката По, кои предизвикаа големи штети во 1994 и 2000 година.
Грција
Грција е седма најпогодена од климатски катастрофи, главно поради големиот број на смртни случаи во однос на бројот на жители. Помеѓу 1993 и 2022 година, починале 34.000 луѓе.
Екстремната жештина од 2022 година, кога температурите во градот Фтиотида достигнаа 42,1°C, одзеде повеќе од 3.000 животи.
Шумските пожари, како оние во 1998, 2007 и 2022 година, редовно ги загрозуваат животните услови на луѓето и предизвикуваат огромна штета на земјоделството.
Вкупните економски загуби во Грција надминаа 6,7 милијарди евра во последните 30 години.
Шпанија
Шпанија, исто така, е високо рангирана по бројот на жртви од временските настани поврзани со климатските промени.
Според извештајот, помеѓу 1993 и 2022 година, Шпанија претрпе бројни топлотни бранови. Алармантно беше во 2003 и 2022 година, кога беше забележана висока стапка на смртност поради топлината, а имаше и значителни штети поради суши и пожари.