Европа добива сопствен „Microsoft“: Лансиран проектот Euro-Office за дигитален суверенитет

Европски конзорциум најави развој на „Euro-Office“ – отворен и суверен уредски пакет како алтернатива на Microsoft, со цел поголема контрола врз податоците и намалување на зависноста од неевропски платформи.

Европски конзорциум од компании и организации започна развој на нов уредски софтвер под името „Euro-Office“, кој треба да претставува европска алтернатива на постоечките платформи за продуктивност, како Microsoft.

Проектот е инициран како заедничка иницијатива на повеќе европски технолошки компании и организации, меѓу кои IONOS, Nextcloud, Eurostack, XWiki и други партнери, со цел создавање на отворена и транспарентна платформа за обработка на документи, табеларни пресметки и презентации.

Главната цел на „Euro-Office“ е намалување на зависноста на европските институции, компании и образовни установи од неевропски софтверски решенија, како и зајакнување на таканаречениот дигитален суверенитет. Според најавите, првата стабилна верзија на пакетот се очекува до летото, а развивачите тврдат дека ќе понуди висока компатибилност со најчесто користените формати на документи, како и корисничко искуство слично на постоечките комерцијални решенија.

Иницијативата доаѓа во период кога сè повеќе европски институции ја преиспитуваат својата зависност од глобални технолошки платформи, не само поради трошоците, туку и поради прашањата за контрола на податоците и долгорочните ризици.

Поддржувачите на проектот нагласуваат дека постоечките алтернативи често бараат компромиси меѓу функционалност и компатибилност, а дел од нив имаат ограничувања поврзани со лиценцирање и транспарентност. Со „Euro-Office“, целта е да се создаде унифициран, отворен и одржлив екосистем кој ќе може да се користи во јавната администрација, бизнис секторот и образованието низ цела Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни