Три од четири граѓани во Европа сметаат дека владите треба да воведат минимална возраст за користење социјални мрежи, покажува новото истражување European Pulse, спроведено во шест големи земји на Европската Унија. Истражувањето го спровела агенцијата Cluster17 за Политико и beBartlet, а во него учествувале 6.698 возрасни лица од Шпанија, Германија, Франција, Италија, Полска и Белгија во периодот од 13 до 21 март.
Според резултатите, половина од испитаниците сметаат дека минималната возраст треба да биде 16 години, додека секој четврти поддржува граница меѓу 13 и 15 години. Само 4 отсто рекле дека воопшто не треба да има старосни ограничувања, а 22 отсто сметаат дека одлуката треба да им се остави на родителите.
Најсилна поддршка за ограничувања имало во Италија и Полска, каде 84 односно 83 отсто од испитаниците се изјасниле за вакви мерки. Следува Белгија со 76 отсто, додека во Германија и Шпанија поддршката изнесува 70 отсто. Франција е најподелена, но и таму мнозинството, 69 отсто, е за ограничувања.
Првата земја што воведе ваква забрана беше Австралија, која во 2024 година усвои закон за ограничување на пристапот до социјални мрежи за деца под 16 години. До 2026 оваа мерка веќе стана референтна точка и за европските влади, кои сè почесто отвораат дебата дали и тие треба да тргнат по истиот пат.
Шпанскиот премиер Педро Санчез и францускиот претседател Емануел Макрон се меѓу најгласните поддржувачи на вакви ограничувања, додека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис оваа недела најави забрана за користење социјални мрежи за лица помлади од 15 години, која треба да стапи во сила во јануари 2027 година.
Критичарите предупредуваат дека забраните можат да бидат неефикасни, да не ги заштитат децата од штетна онлајн содржина и истовремено да ги нарушат нивните права. Во отворено писмо од почетокот на март, 371 експерт за безбедност и приватност ги оцениле ваквите мерки како опасни и општествено неприфатливи.