Граѓаните на Европската Унија се сè позагрижени за сопствената безбедност и иднината, во услови на засилени геополитички тензии, покажуваат резултатите од најновото истражување на Евробарометар. Истражувањето открива дека мнозинството Европејци сакаат пообединета, поамбициозна и посилна Европска Унија, способна да одговори на глобалните закани.
Како најголеми безбедносни ризици, испитаниците ги издвојуваат конфликтите во близина на границите на ЕУ (72 проценти), тероризмот (67), сајбер-нападите од земји надвор од Унијата (66), природните катастрофи влошени од климатските промени (66), како и неконтролираните миграциски текови (65 проценти).
Дезинформациите и вештачката интелигенција како растечка закана
Истражувањето покажува дека високо на листата на грижи се и ризиците поврзани со комуникацијата и дигиталниот простор. Дури 69 проценти од граѓаните се загрижени поради дезинформациите, 68 проценти поради говорот на омраза, како онлајн така и офлајн, а ист процент стравува и од лажни содржини генерирани со вештачка интелигенција. Загриженост постои и за недоволната заштита на личните податоци и заканите по слободата на изразување.
Истражувањето, спроведено од 6 до 30 ноември, покажува дека 89 проценти од испитаниците сметаат дека земјите членки треба да бидат пообединети во справувањето со глобалните предизвици. Дополнително, 73 проценти веруваат дека на Унијата ѝ се потребни повеќе ресурси за решавање на тие проблеми, а 86 проценти сакаат ЕУ да има посилен глас на меѓународната сцена.
Песимизам за светот, умерен оптимизам за личната иднина
Според соопштението на Европски парламент, геополитичките турбуленции силно влијаат врз перцепцијата на граѓаните. Повеќе од половина од Европејците (52 проценти) се песимистични за иднината на светот, 39 проценти за иднината на ЕУ, а 41 процент за иднината на сопствената држава. Наспроти тоа, 76 проценти изјавиле дека се оптимисти кога станува збор за нивната лична и семејна иднина.
Две третини од испитаниците сметаат дека ЕУ треба да има поголема улога во заштитата на граѓаните од глобални кризи и безбедносни ризици. Кога станува збор за приоритетите, 40 проценти од граѓаните веруваат дека Унијата треба да се фокусира на одбраната и безбедноста, 32 проценти на конкурентноста, економијата и индустријата, а 29 проценти на енергетската независност.
Инфлацијата и трошоците за живот на врвот на внатрешните приоритети
На внатрешен план, инфлацијата и трошоците за живот се највисок приоритет за 41 процент од граѓаните, додека економијата и работните места се на прво место за 35 проценти, што претставува раст од пет процентни поени во споредба со мај 2025 година. Иако мнозинството очекува животниот стандард да остане стабилен во следните пет години, 28 проценти сметаат дека тој ќе се влоши, со највисоки проценти во Франција, Белгија и Словачка.
Во однос на вредностите што граѓаните сакаат ЕУ да ги брани, на прво место е мирот (52 проценти), потоа демократијата, слободата на говор, човековите права и владеењето на правото.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, изјави дека геополитичките тензии директно го обликуваат секојдневното чувство на безбедност на Европејците. „Граѓаните очекуваат ЕУ да штити, да биде подготвена и да дејствува заедно. Европа е нашиот најсилен штит“, порача Мецола.
Истражувањето е спроведено меѓу повеќе од 26.000 испитаници во сите 27 земји членки на ЕУ, а покрај општиот песимизам, младите на возраст од 15 до 30 години покажуваат пооптимистичен однос кон иднината и повисоки очекувања од Унијата.
