Евроамбасадорот Гир: „Охридско лето“, фестивал што многу цврсто е внесен на меѓународната културна мапа 

Вчерашната Вечер на Европската унија на „Охридско лето“ беше одлична можност да се ужива во звуците на кларинетот и пијаното преку извонредниот концерт на младите и талентирани уметници, Шпанецот Пабло Бараган и француската пијанистка Елоиз Бела Кон. 

Обраќајќи се пред присутната публика во црквата „Света Софија“, Амбасадорот на Европската унија во РС Македонија, Дејвид Гир, нагласи дека „Охридско лето“ е многу цврсто внесен на меѓународната културна мапа.  

-Од 2007 година наваму ја поддржуваме Европската вечер на „Охридско лето“, фестивал што сега многу цврсто е внесен на меѓународната културна мапа. Секогаш сме почестени од извонредната музика што се изведува тука, во извонредната атмосфера на величенствената црква „Света Софија“. Откако ги слушнав уметниците Пабло Бараган и Елоис Бела Кон, можам да кажам дека стандардите за вечерашната ноќ беа на највисоко ниво. Ова е само дел од нашите заложби преку кои ја поддржуваме културата во ЕУ и културата што е тука, рече евоамбасадорот Гир.    

Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ се заблагодари за несебичната поддршка што ја дава Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, како што рече,  не само за овој концерт, туку и за сите останати кои се реализираа во текот на изминатите години во рамки на ЕУ вечерта на фестивалот.  

-Оваа соработка помеѓу Делегацијата на ЕУ и „Охридско лето“ ќе продолжи и во иднина и нашите напори ќе бидат  секогаш да ги носиме најдобрите уметници. Ова е прилика да укажам огромна благодарност за несебичната поддршка што ја добиваме за реализација на оваа традиционална вечер, Вечер на ЕУ на „Охридско лето“, истакна Поповиќ.  

Ексклузивецот на компанијата за изработка на кларинети „Бакун“ кој свири на модел на кларинет „Бакун Лумиер“, Пабло Бараган,  отсекогаш огромно значење придавал на интеракцијата помеѓу музичарите за време на заедничкото музицирање, сметајќи дека токму таа симбиоза помеѓу нив е идеалот при интерпретацијата на музичките дела. Од оваа појдовна точка тој ги креира своите соло настапи со оркестар кои помеѓу другите ги вклучуваат Симфониските оркестри во Базел и Хамбург, Симфонискиот оркестар на Шпанската РТВ, Словачката филхармонија, но така ги гради и соработките во светот на камерната музика кои ги реализира на фестивалот „Шлезвиг-Холштајн“,  Интернационалниот фестивал „Моливос“ или фестивалот на Марта Аргерич на кои меѓу другото настапува со пијанистите Данае Доркен, Софи Пачини, виолинистката Ноа Вилдшут, виолончелистот Киан Солтани и квартетот „Шуман“. 

-Програмата со која настапивме на годинешното „Охридско лето“  е мешавина од француски репертоар кој сметам дека е доста колоритен  и соодветен за овој фестивал и исто така го изнесува најдоброто од пијано-кларинет комбинацијата, импресионистичка француска музика. Исто така сакавме да внесеме и дел од мојата татковина Шпанија, мојата душа, рече кларинетистот Бараган кој по концертот заминува за Берлин каде што живее, а потоа има настапи во Унгарија, Романија и Ерусалим, по што, како што кажа, ќе им се врати на неговите ученици од академијата.  

Пијанистката Елоиз Бела Кон е редовно застапена на некои од најзначајните фестивали и концертни подиуми во Франција како театарот „Шанзелизе“,  салата „Гаво“, аудиториумот на музејот „Орсај“, салата на француското радио, фестивалот „Рок Антерон“, фестивалите во Лил, Тулуз, Руен, како и на интернационалниот фестивал во Акс ен Прованс. За нејзините три албуми добитничка е на наградите „Шок класика“ и  „Златен дијапазон“ и награда на музичките критичари на Франција. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни