Зимските временски услови за многу возачи значат и постојана борба со влагата во внатрешноста на автомобилот. Особено наутро, ветробранското стакло и прозорците често се замаглени, а чувството на влага во кабината создава непријатност и ја намалува видливоста при возење.
Решението, сепак, е многу поедноставно отколку што изгледа – станува збор за евтина и секојдневна намирница што речиси секој ја има дома.
Кујнска сол во кабината на автомобилот
Обичната кујнска сол, ставена во шолја или пластична чаша и поставена во внатрешноста на автомобилот, може ефикасно да ja собере вишокот влага. Таа влага најчесто се внесува во возилото кога од заснежени или влажни улици влегуваме со мокри обувки, облека или чадори.
Солта има силни хигроскопски својства, што значи дека ја апсорбира влагата од воздухот пред таа да се кондензира на студените стаклени површини и да замрзне. Садот со сол треба да се постави на стабилно место во кабината, каде што нема опасност да се преврти и да се истури содржината.
Зошто во зима се замаглуваат стаклата?
Кај поновите автомобили, системите за греење и вентилација обично функционираат ефикасно. Кај постарите возила, пак, овие системи често не работат оптимално, а дополнителен проблем може да биде и запуштен или стар филтер за воздух – дел кој сопствениците на постари автомобили ретко го менуваат.
Затоа се препорачува возилото периодично да се однесе на проверка, со цел да се испита состојбата на вентилацијата, греењето и филтрите. Во меѓувреме, солта во кабината претставува практично дополнително решение.
Важно е солта да се менува на секои две недели во текот на зимските месеци, бидејќи со текот на времето таа станува грутчеста, ја губи способноста за апсорпција и станува помалку ефикасна.
Дополнителни придобивки од користењето сол
Намалувањето на влагата во автомобилот е корисно и за електрониката, која е чувствителна на кондензација и влага. Со тоа се намалува ризикот од оштетувања и дефекти.
Покрај тоа, влагата придонесува за создавање бактерии, мувла и непријатни мириси во кабината – појава што солта успешно ја спречува. Иако на пазарот постојат и други средства за собирање влага, од аспект на цена и практичност, кујнската сол е далеку најисплатливо решение.
Во текот на целата зимска сезона, со редовна двонеделна замена, вкупната количина сол што ќе ја потрошите ретко ќе надмине половина килограм.
Понекогаш нема потреба од скапи и комплицирани решенија – најефикасните се токму оние што ни се на дофат.
