Еве зошто не треба да се прескокнува појадокот

Прескокнувањето на оброците го става телото во состојба на „штедење“ до секој следен оброк, наместо да го користи за енергија, што неминовно води до зголемување на телесната тежина
Фото: Joan Sabate

Прескокнувањето на појадокот, општо гледано, не се препорачува од лекарите. Предупредувањата говорат дека прескокнувањето на првиот оброк може да доведе до акумулација на масно ткиво околу стомакот, на што особено се изложени децата и тинејџерите. Дијабетологот-ендокринолог д-р Луиза Напиорковска од Полска објаснува дека пропуштањето појадок ја зголемува концентрацијата на инсулин и ја влошува отпорноста на телото кон него, што всушност ја предизвикува дебелината кај стомакот, пренесува „Нова“.

– Прескокнувањето на оброците го става телото во состојба на „штедење“ до секој следен оброк, наместо да го користи за енергија, што неминовно води до зголемување на телесната тежина. Покрај тоа, високите концентрации на инсулин може негативно да влијаат на концентрацијата и вниманието. Отпорноста на инсулин може да се појави поради дебелина, стареење и недостаток на физичка активност, а понекогаш и Кушингов синдром или хемохроматоза се исто така причинители, објасни таа.

Прескокнувањето појадок не е добро ниту за децата, ни за возрасните, бидејќи тоа може да ја зголеми и опасноста од срцеви заболувања.

Научно истражување објавено во списанието „Дијабетес кејр“ (Diabetes Care) посочува дека пациентите со дијабетес тип 2 кои го прескокнуваат појадокот се изложени на поголем ризик од скокови на нивоата на шеќер во крвта во текот на денот, што може да биде многу опасно за нивното здравје.

Проф. Данијела Јакубовиќ од Универзитетот во Тел Авив се согласува со тоа. Таа вели дека прескокнувањето на појадокот кај дијабетичарите ја нарушува работата на бета-клетките и тоа го зголемува шеќерот во крвта. Д-р Дејвид Катлер за „Хелтлајн“ (Healthline), објаснува дека после гладување, телото „навистина копнее“ за големи количини храна.

– Затоа мора да го контролирате внесот на храна, а тоа значи да бидете посвесни за тоа што јадете. Ако јадете најмалку пет порции овошје и зеленчук дневно, ги добивате сите витамини и минерали коишто, општо земено, Ви се потребни, објасни д-р Кетлер.

Лекарите и стручњаците се согласуваат околу главниот заклучок: Појадокот е важен и не треба да се прескокнува. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни