Конзервираната храна изгледа безбедна и има подолг рок на траење, но тоа не е секогаш така. Важно е да се обрне внимание на самата конзерва и дали има оштетувања.
Според Пол Џексон, експерт за хигиена од британската компанија NRC, конзервираната храна како грав или туна може да содржи опасни бактерии, вклучувајќи ја и Clostridium botulinum, која произведува токсини што го напаѓаат нервниот систем и можат да предизвикаат фатална парализа.
Зарѓани конзерви се исто така опасни
Симптомите на ботулизам вклучуваат мачнина, повраќање, болки во стомакот, дијареа или запек. Ако не се лекува, болеста се шири на нервниот систем, мозокот и ‘рбетниот мозок, предизвикувајќи парализа од главата до петите, според британската Национална здравствена служба.
Други симптоми можат да вклучуваат спуштени очни капаци, заматен или двоен вид, слабост на мускулите на лицето, тешкотии при дишење и голтање. Се проценува дека смртниот исход настанува во околу 10 проценти од случаите.
Надувани конзерви се јасен знак за проблем
„Ова обично се должи на гасови произведени од бактерии, што значи дека храната е расипана. Таквите конзерви треба веднаш да се фрлат“, вели Џексон.
Џексон советува дека конзерви од кои истекува течност при отворање или имаат непријатен мирис треба веднаш да се фрлат.
„Истекувањето на течност може да значи акумулација на гасови поради раст на микроорганизми. Освен губење на вкусот и квалитетот на храната, тоа може да биде и сериозна закана за здравјето.“
Конзервираната храна најдобро се чува подалеку од мијалници или извори на влага и топлина, каде што постојат температурни промени кои се погодни за бактерии.
„Екстремно ниските температури можат да предизвикаат пукање на конзервата, што овозможува влез на воздух и влага и поттикнува рѓосување и расипување“, смета Џексон и додава дека најдобро е конзервите да се чуваат на суво и умерено топло место.
Исто така е важно да се следи рокот на траење, во зависност од видот на храната. Храна со висок процент на киселини, како домати, може да го задржи квалитетот до 18 месеци по истекот на рокот на траење. Храна како месо и зеленчук може да биде безбедна до пет години ако се правилно складира.
Извор: N1