Излезе од печат „Евангелие по утерусот“ – феминистичка проза без компромис

Новата збирка раскази на црногорската писателка Светлана Калезиќ Радоњиќ отвора болни и потиснати прашања за телото, идентитетот и женското искуство

Од печат излезе збирката феминистички раскази „Евангелие по утерусот“ од Светлана Калезиќ Радоњиќ, книга што со јазична смелост и тематска бескомпромисност навлегува во длабоките дисторзии на односот кон жената во општествата обременети од патријархат, малограѓанштина и социјална индолентност. Преку низа интензивни и телесно заситени раскази, авторката ги разоткрива механизмите на понижување, тишина и деструкција што со векови се нормализирани како „реалност“.

Во еден од клучните раскази, Радоњиќ пишува за искуството на распаѓање и отпор како чин на преживување, користејќи моќна метафорика и поетски јазик што го проширува просторот на книжевното сведоштво. Нејзината проза се движи меѓу интимното и политичкото, помеѓу телото како бојно поле и текстот како форма на ослободување.

Книгата е во превод од црногорски јазик на Сашо Огненовски, а е објавена во издание на Перун Артис од Битола. Македонското издание ја задржува јазичната острина и емоционалната густина на оригиналот, отворајќи простор за силна читателска рецепција и критичка дебата.

Светлана Калезиќ Радоњиќ е докторка на книжевни науки и универзитетска професорка, но пред сè поетеса и прозна авторка која активно објавува уште од својата петнаесетта година. Таа е и рок-музичарка, преведувачка и светска патничка. Досега има објавено седум збирки поезија, а добитничка е на бројни книжевни награди во Црна Гора и во странство. „Евангелие по утерусот“ претставува значаен чекор во нејзиниот прозен опус и силен придонес во современата феминистичка книжевност во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни