Вонредна состојба е прогласена во Ваљево, Осечина, Лозница, Владимирци, Крупањ, дел од територијата на Пријепоље и во Мали Зворник, додека проблемите со снабдувањето со електрична енергија се најизразени во Колубарскиот, Мачванскиот и делови од Златиборскиот управен округ во Србија.
Сообраќајот се одвива отежнато на поголемиот дел од патните правци, а воведени се и забрани за товарни возила во Зајечар, Ваљево, Пожега, Ужице, Нови Пазар, Ивањица и Крушевац. Надлежните служби апелираат на внимателно возење и задолжително користење зимска опрема до стабилизирање на временските услови.
Вонредна состојба во Ваљево
Поради фактот што повеќе од 10.000 жители на Ваљевскиот крај моментално се без електрична енергија, а снегот предизвикува сериозни проблеми и во сообраќајот, Град Ваљево одлучи да прогласи вонредна состојба на територијата на градот.
Село кај Крупањ 100 часа без струја
Жителите на селото Шљивово кај Крупањ веќе пет дена се без електрична енергија, што претставува голем проблем, особено во зимски услови.
– Пет дена сме без струја, тоа се 100 часа. Сè изгледа катастрофално. Божиќ го дочекавме во мрак, сè правиме без светло. Временските услови се добри, патиштата се чисти, но да се биде без струја 100 часа во вакво време е вистинска катастрофа – изјави Слободан Аќимовиќ, жител на селото Шљивово.
Излевање на Ибар
Во северниот дел на Косовска Митровица дојде до излевање на реката Ибар. На терен се противпожарни екипи кои им помагаат на жителите од загрозените станбени објекти. Според градоначалникот на Северна Митровица, Милан Радојевиќ, досега од тоа подрачје се евакуирани околу десет лица.
Проблеми со струјата во Лозница и Мали Зворник
Поради наглото зголемување на водостојот на реката Дрина, која се излеа во небранет дел, прогласена е вонредна одбрана од поплави. Водостојот на Дрина по благ пад е во стагнација, но мерките ќе останат на сила во наредните седум дена.
Надлежните истакнуваат дека во моментов нема опасност по животите на луѓето, станбените објекти или патната инфраструктура, но граѓаните се предупредуваат да не ѝ се приближуваат на реката од љубопитност, поради ризик од лизгање.
И покрај релативната стабилност, екипите на Секторот за вонредни ситуации, „Србијаводе“ и градските служби се постојано на терен и ја следат состојбата од час во час.
Дел од граѓаните на Лозница и Мали Зворник и понатаму имаат сериозни проблеми со снабдувањето со електрична енергија. Ситуацијата од утрово е нешто подобра од вчера, но дефектите сè уште не се целосно отстранети.
Агрегатите што со помош на државата беа доставени во Лозница се поставени на трафостаниците што снабдуваат најголем број потрошувачи. Сепак, и покрај тоа што екипите на ЕПС успеаја да подигнат дел од системот во областа Горен Јадар, во текот на ноќта повторно дојде до дефекти, па дел од домаќинствата повторно останаа без струја.
Евакуирани 20 лица од 4 јануари
Давор Видовиќ од Секторот за вонредни ситуации изјави дека сообраќајот е отежнат на сите патни правци во Србија, вклучително и во Белград.
– Интервениравме 40 пати и при тоа евакуиравме 20 лица. Вонредна состојба е прогласена во Осечина, Лозница, Владимирци, Крупањ, дел од Пријепоље и во Мали Зворник. Најголем дел од интервенциите беа отстранување на паднати дрвја, но имаше и евакуации поради снежни врнежи и зголемен водостој на реките – изјави Видовиќ.
Тој додаде дека најголеми проблеми предизвикала реката Лим, но дека нејзиниот водостој е во опаѓање, додека Дрина е во пораст, поради што во делови од Мали Зворник и Љубовија беше спроведена превентивна евакуација.
Состојба на патиштата и сообраќајот
Поради снег и мраз, отежната е вожњата на Зрењанинскиот пат, Моравскиот коридор, како и на бројни локални и магистрални патишта. Во населбата Црвенка кај Борча, главниот пат е целосно завеан.
Во Ибарската клисура и понатаму има мраз на коловозот, иако патните служби интервенираат со сол и ризла. Патот Краљево – Гоч е повторно прооден, а состојбата на електромрежата во Краљево засега е стабилна.
Од „Србијавоз“ соопштија дека поединечни возови нема да сообраќаат од технички причини, додека авионскиот сообраќај на аеродромот „Никола Тесла“ се одвива и покрај отежнатите зимски услови.
