Пoради пожарот кој вчера попладне избувна во скопската населба Геге и се прошири кон Бардовци беше евакуирана Психијатриската болница, откако огнот го зафати дворот на институцијата. Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), високата сува трева и дрвјата во кругот на болницата овозможиле брзо ширење на пожарот, кој во еден момент претставувал директна закана за целиот болнички комплекс.
„Пожарот претставуваше опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Веднаш беше пристапено кон евакуација на пациентите и персоналот, кои беа безбедно изнесени надвор од кругот на болницата“, соопштуваат од ЦУК.
Во интервенцијата беа вклучени повеќе екипи од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, а дополнително беше побарана и поддршка од хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи. Иако првично се разгледувала можноста хеликоптерот ангажиран во гаснењето на пожар во општина Чучер Сандево (кај с. Блаце) да биде пренасочен, ситуацијата во Бардовци била стабилизирана на време и не било потребно негово вклучување.
„Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце“, потврдија од ЦУК.
За среќа, во пожарот нема повредени лица. Евакуацијата била спроведена брзо и координирано, со што е избегната поголема трагедија во еден од најчувствителните здравствени објекти во земјава.
Сепак, оваа случка уште еднаш ја отвори дебатата за потребата од подобра заштита на институции од витално значење, особено во услови на зголемен ризик од пожари во текот на летните месеци.