Македонија подготвува нови летови за евакуација од Блискиот Исток

По евакуацијата на 151 лице од Дубаи, државата подготвува уште два лета, а се работи и на извлекување на македонски државјани од Бахреин, Катар и Кувајт.

По синоќешната евакуација на 151 лице од Дубаи кои пристигнаа на Скопскиот аеродром, државата планира уште два чартер лета за извлекување на македонски граѓани од ризичните подрачја на Блискиот Исток. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски апелираше граѓаните навреме да пријават доколку се премислат за евакуација, за да не остануваат празни места во авионите.

Следниот авион со евакуирани граѓани се очекува да пристигне во вторник, а трет лет се планира за средината на неделата. Според Муцунски, се следи интересот на македонските државјани кои се наоѓаат во ризичните подрачја за да се искористи целосно капацитетот на летовите.

Министерството во моментов работи и на евакуација на македонски граѓани кои се наоѓаат во Бахреин, Катар и Кувајт. Планот е тие најпрво да бидат пренесени во Саудиска Арабија, од каде што во среда се очекува да бидат префрлени со авион кон регионот.

Можно е авионот да слета на аеродромот во Приштина, по што ќе биде организиран превоз до Скопје.

Муцунски посочи дека од Израел веќе се евакуирани сите граѓани кои побарале извлекување, освен еден државјанин кој инсистирал евакуацијата да се реализира директно од територијата на Израел. Две групи граѓани претходно биле извлечени преку Египет.

Министерството апелираше до граѓаните кои се пријавиле за евакуација, а потоа се премислиле, навреме да го пријават тоа.

„Вкупно 14 граѓани кои требаше да бидат на летот од Дубаи за Скопје до последен момент најавувале дека ќе дојдат, но не се појавиле на аеродромот. За среќа, имавме листа на чекање и тие места беа пополнети со други граѓани“, рече Муцунски, додавајќи дека операцијата се реализира со буџетски средства и секое место во авионот треба да биде искористено.

Тој нагласи дека македонските државјани нема да плаќаат за евакуацијата, посочувајќи дека државата има обврска да обезбеди безбедно враќање на своите граѓани во услови на криза.

Според проценките на институциите, повеќе од 600 македонски државјани би можеле да бидат евакуирани во текот на оваа недела, иако бројката може да се менува.

Институциите продолжуваат со координација со дипломатско-конзуларните претставништва во регионот, со цел до крајот на неделата да бидат евакуирани сите македонски државјани кои побарале извлекување од погодените подрачја на Блискиот Исток.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни