Вечерва на Меѓународниот аеродром во Скопје се очекува да пристигне нова група евакуирани граѓани од Блискиот Исток, со трет организиран лет од Обединетите Арапски Емирати.
Според информациите од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, авионот треба да полета во 16 часот по локално време, а слетувањето во Скопје е планирано во 20:10 часот. За летот се пријавени вкупно 147 патници, од кои 119 се македонски државјани, а 28 се странски државјани.
Ова е вкупно петти лет за евакуација од погодените подрачја, по претходните операции реализирани од Шарм ел-Шеик и Ријад.
Со пристигнувањето на оваа група, бројот на евакуирани македонски државјани ќе достигне 605 лица.
Од Министерството нагласуваат дека безбедноста на граѓаните останува приоритет и информираат дека со овој лет се заокружува процесот на евакуација на сите македонски државјани кои изразиле интерес да се вратат во земјата.
Воедно, додаваат дека СОС-телефонот и дипломатско-конзуларните претставништва и понатаму остануваат достапни за поддршка на граѓаните.