Нов лет со 109 евакуирани македонски државјани пристигна во Приштина

Со трет организиран лет во Приштина пристигнаа 151 патник од Блискиот Исток, од кои 109 македонски државјани, информираше министерот Тимчо Муцунски.

Авион со 151 патник од Катар, Кувајт, Кралството Саудиска Арабија и Кралството Бахреин доцна синоќа слета на Меѓународниот аеродром во Приштина. Меѓу нив 109 биле македонски државјани, информираше министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Според информациите од Министерството за надворешни работи, со пристигнувањето на овој трет организиран лет успешно е завршена евакуацијата на македонски државјани од Блискиот Исток.

Евакуацијата била реализирана врз основа на претходно утврден план и во координација со надлежните институции. Патниците првично биле транспортирани со организиран превоз до Ријад, од каде што со специјален лет безбедно го напуштиле регионот.

„Безбедноста на македонските граѓани останува наш највисок приоритет. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и понатаму останува на располагање на сите наши државјани кои имаат потреба од поддршка во погодените региони“, напиша Муцунски на својот профил на Фејсбук.

Претходно, во вторникот вечерта, во Скопје пристигна и втората група евакуирани граѓани од Обединетите Арапски Емирати. Со лет од Дубаи на скопскиот аеродром пристигнале 150 патници, од кои 125 биле македонски државјани.

Во истиот авион имало и седум државјани на Србија, 11 на Косово, по двајца на Босна и Херцеговина и Албанија, како и по еден државјанин на Германија, Ерменија и Црна Гора.

Од Министерството за надворешни работи информираат дека и понатаму ја следат безбедносната ситуација во регионот и остануваат во контакт со македонските државјани кои се наоѓаат во погодените подрачја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни