Во текот на 2024 година, 14 земји-членки на Европската Унија пријавиле вкупно 58 терористички напади, се наведува во најновиот извештај на Европол за состојбата и трендовите на тероризмот во ЕУ (TE-SAT).
Според извештајот, 34 од нападите биле извршени, пет неуспешни, а 19 спречени навреме. Во 20 земји-членки биле уапсени 449 лица осомничени за терористички активности.
Алармантен раст на радикализација кај младите
Извршната директорка на Европол, Катрин де Бол, предупреди дека тероризмот и насилниот екстремизам остануваат сериозна закана за безбедноста на Европската Унија. Таа особено го нагласи загрижувачкиот тренд на инволвирање на млади и малолетници во терористички активности.
„Терористичките групи сè почесто ги таргетираат ранливите млади – со проблеми со менталното здравје, социјална изолација или зависност од интернет“, се вели во извештајот.
Вештачка интелигенција во служба на тероризмот
Европол забележува сè почеста злоупотреба на вештачка интелигенција и онлајн платформи за ширење екстремистичка пропаганда и регрутација. Комесарот за внатрешни работи на ЕУ, Магнус Брунер, најави дека до крајот на годината ќе биде претставена нова европска агенда за борба против тероризмот, со акцент на спречување радикализација кај младите и регулирање на интернет-содржината.
Геополитичко влијание и глобални последици
Според TE-SAT извештајот, воениот конфликт во Украина, состојбата во Газа, како и падот на режимот на Башар ал-Асад во Сирија во декември 2024 година, значително влијаеле на зголемувањето на терористичката закана во Европа.
Особено алармантен е случајот со најмладиот уапсен терорист – дете од само 12 години, обвинето за планирање напад, што дополнително го потврдува сериозното влијание на онлајн радикализацијата кај најмладите.