Со изложбата yugo.logo, проект на младиот графички дизајнер Огнен Ранковиќ, Europe House Битола ќе ја започне септемвриската културна програма. Изложбата ќе биде отвирена вечерва во 19.30 часот, а ќе бидат изложени 460 дела. Ранковиќ вели дела симболите се создадени пред повеќе од половина век, но стандардите по кои се креирани, концептот и естетиката ги прават безвременски.
– Изложбата ќе ја отвори професорот Костадин Танчев-Динка, кој во својот богат и разновиден творечки опус создава и многу графички симболи кои и ден денес се препознатливи и функционираат во нашата земја. Грбот на Битола е еден од нив – велат од Europe House Битола.
Оттаму дополнуваат дека целта на проектот yugo.logo е да ги истражи, дигитализира и архивира овие знаци со цел да му послужат како инспирација на новите генерации, истовремено и да им се даде почит на пионерите на дизајнот на овие простори. Милош Ќириќ во книгата „Графичка идентификација“ издадена во Белград, 1981 година вели:
„Графичкиот знак нема оригинал, материјал и големина. Секој еден е оригинал и се изработуваат од секакви материјали и во секакви големини. Знакот е потпис, па затоа авторот не го потпишува. Конструкцијата на знакот е негова графичност со која се овозможува тираж (умножување, зголемување, смалување). Знакот е збиена приказна, понекогаш и неколку различни приказни, кои се сведуваат на еден краток збор. Зборот се претвора во слика која ја читаме со еден поглед: побрзо ја гледаме и запомнуваме отколку што ја разбираме. Знакот е поубавиот дел од приказната. Секој знак е една нова љубов, а за љубовта се сонува и се размислува на јаве, сè се меша и затоа не се знае како настанува знакот. Знакот е лесна мака.“