Шампионот на Македонија, во ракомет, Еурофарм Пелистер и наредната сезона ќе игра во Лигата на шампионите.
Европската ракометна федерација (ЕХФ) на Пелистер му додели специјална покана (вајлд карта) за настап во најелитното ракометно клупско натпреварување.
Покрај Пелистер, специјална покана од ЕХФ добија: ГОГ, Нант, Пик Сегед, Колштад и Кјелце.
Од вајлд картата на Пелистер, профитираше и РК Вардар 1961 кој доби место во групите во второто по ранг натпреварување под капата на Европската ракометна федерација, односно ќе се натпреварува во Европската лига на ЕХФ.
Во меѓувреме, се чека на статусот со Алкалоид, кој како освојувач на Европскиот Куп на ЕХФ може да игра исто така директно во Европската лига на ЕХФ. Тимот од Автокоманда побара место во Европската лига и го чека расплетот на европската куќа на ракометот.