Европската организација за безбедност на возилата Euro NCAP најави радикални измени во методологијата на тестирање, кои ќе стапат на сила во 2026 година. Новите протоколи, оценети како најголема реформа по 2009 година, имаат за цел да ги ограничат „наметливите“ системи за асистенција на возачот (ADAS), да го намалат одвлекувањето на вниманието и да ги наградат производителите кои се одлучуваат за класични физички копчиња наместо комплексни менија на екрани на допир.
Новата рамка за оценување се темели на четири столба: безбедно возење, избегнување судари, заштита при судар и безбедност по судар. Според Euro NCAP, многу од овие промени се директен одговор на честите поплаки на возачите за прегласни предупредувања, презаситена електронска поддршка и премногу чувствителни системи кои интервенираат без потреба.
Особено внимание ќе се посвети на однесувањето на возачот. Возилата ќе добиваат повисоки оценки доколку користат технологии кои го следат фокусот, движењата на очите и главата, и на тој начин ја прилагодуваат чувствителноста на ADAS функциите во реално време. Екстра бодови ќе се доделуваат за системи кои можат да препознаат нарушена способност за возење — под дејство на алкохол или дроги — и да го запре возилото доколку возачот изгуби свест.
Euro NCAP првпат ќе воведе и критериум кој премиум го наградува користењето физички копчиња за најважните функции. Овие контроли се покажале како побезбедни од екрани на допир, кои бараат повеќе време и внимание и ја зголемуваат опасноста од одвлекување. Новите оценки ќе ги вреднуваат нивната поставеност, видливост и едноставноста на користење.
Реформите значително ќе го засилат тестирањето во реални услови. Функциите како препознавање на знаци и ограничувања на брзина — кои често грешат во практична употреба — ќе се оценуваат на вистински патишта, а не само на тест полигони. Поголем фокус ќе се стави и на автономното сопирање, помошта за одржување на лента и реакциите на системите во урбани сценарија со велосипедисти и моторциклисти. Овие технологии ќе се оценуваат според нивната „мазност и интуитивност“, со цел да се избегнат непредвидливи или нагли интервенции.
Новите протоколи воведуваат и проширени стандарди за заштита по судар. Електричните рачки на вратите ќе мора да останат функционални по несреќа, а електричните возила ќе мора да гарантираат безбедна изолација на батериите за да се спречи пожар. Автоматските системи за итни повици ќе треба да детектираат и пренесат точен број патници за да се овозможи соодветна и брза реакција на службите.
Генералниот секретар на Euro NCAP, Михил ван Ратинген, истакна дека целта е тестовите да станат „порелевантни од кога било“ и да ги одразат реалните ситуации во кои се наоѓаат возачите. „Новите протоколи ја одржуваат мисијата на Euro NCAP како крајна референтна точка за безбедност — одлука која ги поттикнува производителите да инвестираат во технологии што спасуваат животи“, изјави тој.
Со воведувањето на овие реформи, организацијата очекува значително подобрување на безбедноста, не само за патниците во возилата, туку и за пешаците, велосипедистите и сите учесници во сообраќајот.
