ЕУ ѝ даде ултиматум на Shein

Европската Унија ѝ даде рок од еден месец на кинеската онлајн платформа за брза мода Shein да се усогласи со законите за заштита на потрошувачите – или ќе се соочи со високи парични казни засновани на приходите остварени во земјите каде што се утврдени прекршувања.

Како што јавува BBC, истрагата на европските тела открила низа нелегални практики: лажни попусти, притисок врз купувачите, дезинформации за производите, неточни ознаки, неосновани тврдења за одржливост, како и сокриени контакт-информации.

Меѓу забележаните прекршувања се и попусти кои не се засновани на реални цени, како и поставување на лажни временски ограничувања за да се поттикне итна куповна одлука. Европската комисија бара и транспарентност во прикажувањето на оценки и рецензии за производите.

„Сега е ред на Shein да ги преземе неопходните чекори, да ги почитува регулативите и целосно да го усогласи своето работење со европските стандарди за заштита на потрошувачите,“ изјави европскиот комесар за правда Мајкл Мекграт.

„Сите компании што работат со потрошувачи во ЕУ мора да играат по нашите правила. Ќе ги држиме интернет платформите одговорни, без оглед на тоа каде им е седиштето,“ додаде тој.

Од Shein велат дека конструктивно соработуваат со националните тела и Европската комисија и остануваат посветени на усогласување со регулативите.

Ова не е првпат Shein да се најде под лупа. Во извештај на BBC од јануари беше откриено дека некои работници работат и до 75 часа неделно – што ги прекршува дури и кинеските закони за работни односи. Исто така, британски пратеници ја обвинија компанијата дека намерно избегнува да одговори на прашања за потеклото на памукот што го користи.

Како реакција на критиките, Shein изјави дека вложува милиони долари за подобрување на надзорот и одржување на фер третман на работниците во синџирот на снабдување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни