Европската унија изрази жалење поради одлуката на Соединети Американски Држави да се повлечат од клучниот климатски договор на Обединетите нации – Рамковна конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC).
Европскиот комесар за клима Вопке Хекстра изјави дека UNFCCC претставува темел на глобалната климатска политика, бидејќи ги обединува државите околу намалувањето на емисиите, прилагодувањето кон климатските промени и следењето на постигнатиот напредок.
„UNFCCC е основата на глобалната климатска акција. Таа им овозможува на државите заеднички да работат на климатските политики, намалувањето на емисиите и адаптацијата кон климатските промени“, напиша Хекстра на социјалната мрежа Икс, пренесува Ројтерс.
Тој нагласи дека одлуката на најголемата светска економија и втор најголем емитер на стакленички гасови да се повлече од договорот е „за жалење и несреќна“, особено во контекст на глобалните напори за справување со климатската криза.
