Што се менува?
Од утре, сите земји-членки на ЕУ мора да ја информираат Европската комисија за тоа кои национални тела ќе бидат надлежни за спроведување и контрола на новите AI регулативи. Тоа значи дека сите снабдувачи на системи со вештачка интелигенција ќе бидат под лупа.
Меѓутоа, според извештај на Euronews, голем дел од земјите најверојатно нема да го испочитуваат рокот – сè уште не е утврдено кои институции ќе вршат надзор.
Казни до 35 милиони евра
Компаниите што нема да ги почитуваат правилата може да се соочат со парични казни до 35 милиони евра, или до 7% од нивниот годишен глобален приход – во зависност од тоа која сума е поголема. Државите-членки ќе треба да донесат сопствени закони за да се прецизираат конкретните санкции и да се дадат овластувања на националните тела.
Под надзор ќе биде секој AI производ во ЕУ
Контролата ќе се однесува на секој производ со вештачка интелигенција што влегува на европскиот пазар, без разлика каде е создаден. Тоа значи дека компаниите нема да можат да ги избегнат правилата преку „регулаторен шопинг“, односно избор на најповолна земја.
Што со ChatGPT, Gemini и слични?
На удар ќе бидат и т.н. модели за општа намена на вештачка интелигенција (GPAI) – како што се ChatGPT (OpenAI), Gemini (Google) и Grok (X/Elon Musk). За нив, Европската комисија веќе донесе доброволен Кодекс на практика, кој се однесува на транспарентност, авторски права и безбедност.
Компаниите кои не го потпишат кодексот може да се најдат под засилен надзор, иако потписниците сепак ќе мора да се усогласат со сите обврски од Законот за вештачка интелигенција.
Meta против, Google и OpenAI за
Компанијата Meta (Facebook) веќе најави дека нема да го потпише кодексот, тврдејќи дека „новите правила ја задушуваат иновацијата“. За разлика од нив, Google и OpenAI најавија дека ќе го прифатат.
Што значи ова за пазарот?
Продуктите пуштени на пазарот пред 2 август ќе имаат две години транзициски период за усогласување, додека сите нови AI алатки пласирани по тој датум мораат веднаш да ги почитуваат правилата.
Целосната примена на Законот за вештачка интелигенција ќе започне од 2 август 2027.