Европската унија (ЕУ) заканува дека ќе воведе санкции ако Венециското биенале не ја повлече одлуката да ѝ дозволи на Русија да учествува на меѓународната изложба на современа уметност, изјави потпретседателката на Европската комисија Хена Виркунен.
„Ако Биеналето остане на својата одлука, ќе разгледаме понатамошни мерки, вклучувајќи суспензија или прекин на европскиот грант“, кој Фондацијата на Биеналето моментално го прима, додаде Виркунен, истакнувајќи дека „силно го осудува овој потег“, пренесе францускиот весник Le Monde.
Таа нагласи дека „културата промовира и штити демократски вредности, поттикнува отворен дијалог, разновидност и слобода на изразување и никогаш не смее да се користи како платформа за пропаганда“.
Украинските власти во неделата ги повикаа организаторите на Венециското биенале да не ѝ дозволат на Русија да учествува, што би се случило во мај првпат од почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година.