Оваа недела, единствената европска филмска образовна програма што се фокусира на климатските промени – EU Youth Cinema: Green Deal (ЕУ Младинско кино: Зелен договор) – повторно ги повикува младите од 12 европски земји, меѓу кои и Северна Македонија, да размислат за својот еколошки отпечаток. Европската недела за намалување на отпадот (EWWR), која трае до 30 ноември, е идеален момент за младите да разберат како малите секојдневни избори создаваат големи последици за животната средина.
Овогодинешната тема – Отпад од електрична и електронска опрема (WEEE) – доаѓа во период кога Северна Македонија се соочува со растечки предизвици поврзани со е-отпадот. Ограничени места за собирање, нејасни процедури и недостаток на стимули значат дека многу домаќинства чуваат неисправни уреди со години. Токму затоа организаторите на EU Youth Cinema: Green Deal ја интегрираат темата на е-отпадот во својата образовна програма, потсетувајќи дека и малите промени – како рециклирање, оправка или продолжување на животниот век на уредите – создаваат значајни придобивки за чиста и одржлива животна средина.
Филмско образование што гради свесност
Во партнерство со невладината организација BRIGHT и Програмата за развој на Обединетите нации – UNDP Македонија, оваа година програмата го претстави документарниот филм „Езеро од јаболка“ (Lake of Apples) на Тамара Котевска и Љубо Стефанов. Филмот ги охрабрува младите да размислат за регионалните текови на отпад, исцрпувањето на ресурсите и потребата од одговорна потрошувачка.
Снимен во текот на една година, документарецот ја следи судбината на Преспанското Езеро – еден од најстарите слатководни екосистеми на планетата. Со повеќе од 2.000 растителни и животински видови, од кои многу се уникатни, езерото претставува биолошко богатство чија иднина веќе е загрозена од климатските промени и човечката активност.
Проектите за заштита на езерото, финансирани од Швајцарската агенција за развој и соработка и имплементирани со поддршка на UNDP, во изминатите години помогнаа значително да се намали загадувањето – пример како добро осмислените и координирани еколошки програми носат долгорочни резултати.
Проекцијата во Синеплекс Скопје беше посетена од околу 250 ученици и наставници, кои учествуваа и во дискусија со претставници на UNDP и Фросина Пандурска-Драмиќанин, специјалист за рурален развој и зајакнување на заедниците.
„Документарните филмови им ја приближуваат природата на учениците. Преку вистински приказни и вистински лица, тие ги прават еколошките проблеми опипливи, разбирливи и емотивни. Преспа треба да биде дел од училиштата – затоа што е еден од најранливите екосистеми на Балканот“, истакна Пандурска-Драмиќанин.
Што претставува ‘EU Youth Cinema: Green Deal’?
EU Youth Cinema: Green Deal е целогодишна програма за филмско образование што ја користи моќта на визуелното раскажување за да ја подигне еколошката свест кај младата публика. Преку европски документарци, дискусии и интерактивни активности, програмата ги поттикнува младите да разберат како климатските промени, отпадот и ресурси се дел од нивната секојдневна реалност.
Програмата е достапна не само во кино, туку и преку сопствената стриминг платформа – www.euyc.green, што овозможува пристап до филмови и едукативни материјали за ученици од различни средини и заедници.
Мултинационална поддршка за зелена генерација
Проектот е финансиран од Creative Europe и Vienna Insurance Group (VIG), со учество на локалните брендови WINNER LIFE осигурување и Македонија осигурување. Дополнителна поддршка даваат Министерството за јавна администрација на Словенија, Асоцијацијата за авторски права на аудиовизуелни медиуми и кино-синџирот Cineplexx, кој учествува како ексклузивен партнер во 33 градови во 11 земји.
„Одржливоста мора да биде во интерес на сите нас. Проекти како EU Youth Cinema: Green Deal ја пренесуваат знаењето и свесноста за климатската стратегија на ЕУ. Затоа со задоволство ја поддржуваме оваа иницијатива“, изјави Хартвиг Логер, извршен директор на VIG.
Финансискиот директор на Cineplexx International, Кристоф Папушек, додаде дека оваа соработка претставува „можност да се развива зеленото кино образование“ и да се гради меѓугенерациски дијалог кој поттикнува акции за поодржлива иднина.
