Новата мерка најмногу ќе ги погоди милионите пакети што европските граѓани ги нарачуваат преку светските платформи за е-трговија како „Тему“, „Шиен“ и „Алибаба“. Според податоците на ЕУ, токму овие пратки претставуваат околу 93 проценти од сите мали пакети што годишно влегуваат во Унијата од странство.
Од Брисел објаснуваат дека се работи за привремена мерка, која ќе важи сè до финализирањето на сèопфатната царинска реформа. Целта, како што наведуваат европските институции, е да се намали нелојалната конкуренција со која се соочуваат европските трговци, да се зајакне контролата врз квалитетот и безбедноста на производите и да се спречат злоупотребите и измамите во онлајн продажбата.
Европската комисија ја поздрави одлуката, оценувајќи дека со неа се штити конкурентноста на европските компании и се создаваат пофер услови помеѓу интернет-трговијата и класичната продажба на мало. Комисијата дополнително појасни дека царината ќе важи за секоја пратка испратена директно од земји надвор од ЕУ до крајниот потрошувач во Унијата.
Овој нов модел треба да го премости периодот до воспоставувањето на Царинскиот центар за податоци на ЕУ, чија работа е планирана да започне во 2028 година како дел од идната царинска реформа.
Во соопштението се истакнува дека фиксираната царина од три евра е одвоена од планираниот „надомест за ракување со пратки од е-трговија“, за кој преговорите сè уште траат. Предлогот предвидува овој надомест, што ќе ги покрива трошоците на царинските служби за обработка на растечкиот број пратки, да стапи во сила во ноември 2026 година. Висината и точниот рок на примената ќе бидат утврдени по усогласувањето меѓу Советот на ЕУ и Европскиот парламент.
Белгија веќе има воведено сопствена такса од две евра за ваквите пратки. Со стапувањето во сила на европската царина, белгиските граѓани ќе плаќаат вкупно пет евра за секоја пратка што ќе ја добијат од странство, бидејќи домашниот надомест нема да биде укинат.
Извор: Независен
