ЕУ свика вонреден енергетски состанок поради кризата на Блискиот Исток

Министрите за енергија на ЕУ утре ќе одржат онлајн состанок за можните последици од кризата на Блискиот Исток врз снабдувањето со енергија, инфлацијата и економскиот раст.

Министрите за енергија на ЕУ утре ќе одржат вонреден онлајн состанок за состојбата на Блискиот Исток и можните последици врз енергетското снабдување во Европа. Средбата, според Советот на ЕУ, има цел да ги разгледа можностите за координиран европски пристап во услови на растечка неизвесност, но засега не се очекува донесување конкретни одлуки.

Состанокот ќе се одржи во онлајн формат, во момент кога Брисел сè поотворено предупредува дека развојот на настаните на Блискиот Исток може да предизвика нов притисок врз европската економија и енергетската стабилност.

Минатата недела и министрите за финансии на земјите од еврозоната одржаа вонредна онлајн средба. По неа, европскиот комесар за економски прашања Валдис Домбровскис изјави дека кризата на Блискиот Исток може да значи повисока инфлација и послаб економски раст во Европската Унија.

Според неговите првични проценки, не е исклучено економскиот раст во еврозоната оваа година да биде за 0,4 процентни поени понизок од проекциите во есенската економска прогноза на Европската комисија, додека инфлацијата би можела да порасне за еден процентен поен над очекуваното.

Домбровскис предупреди и дека, ако сегашните предизвици продолжат подолг период, последиците може да бидат уште посериозни, со намалување на економскиот раст за 0,6 проценти и оваа и следната година. Тој нагласи дека не станува збор за официјална прогноза, туку за проценка на можните ризици.

Во меѓувреме, Европската комисија на крајот од минатата недела објави работен документ во кој предупреди дека ЕУ се соочува со опасност од прекини во снабдувањето со енергија. Во документот се посочува дека транспортниот сектор и натаму останува силно зависен од увозот на нафта и нафтени деривати.

Комисијата затоа повторно повика на забрзување на транзицијата кон електрифицирана економија, оценувајќи дека токму електрификацијата со ниски јаглеродни емисии е единствениот траен одговор за поголема енергетска безбедност и за намалување на ранливоста на Европа на надворешни енергетски шокови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни