Портпаролот на Европската унија (ЕУ), Гијом Мерсије, денеска во Брисел изјави дека е во интерес на Косово што побрзо да ги формира своите институции, бидејќи тоа е важно за спроведувањето на европските реформи и за напредокот на тој пат.
Одговарајќи на прашањето дали четвртиот последователен неуспех во конституирањето на косовското собрание има последици врз односите меѓу Косово и ЕУ, тој рече дека нема да коментира внатрешни прашања на Косово, како што тоа не го прави ни за која било друга партнерска земја.
„Она што можам да го кажам е дека, секако, е во интерес на Косово што побрзо да ги формира своите институции. Тоа е важно за спроведувањето на европските реформи и за напредокот на тој пат“, рече тој.
Мерсије го истакна и значењето што Косово може да го има од Планот за раст на ЕУ.
„Тоа е важно и за други работи, како што е Планот за раст. Како што знаете, неопходно е да имаме конституирано собрание на Косово за да можеме да продолжиме со работата во таа насока“, изјави портпаролот на ЕУ.
Иако Косово е меѓу првите во регионот што го усвои Планот за раст и Реформската агенда, не може да ги добие првите исплати од тој план без ратификација на договорот за средства и кредит со ЕУ во косовското собрание.
Иако официјално во ЕУ не сакаат да зборуваат повеќе за внатрешните процедури во Косово, некои европски дипломати, како што пишува koha.net, стравуваат дека одложувањето на формирање стабилни институции по изборите може да остави последици врз европскиот пат на Косово и другите меѓународни процеси во кои Косово е вклучено.