Европската унија постигна правно обврзувачки климатски договор кој предвидува емисиите на стакленички гасови до 2040 година да се намалат за 90 проценти во однос на нивото од 1990 година, вклучително и купување странски јаглеродни кредити за покривање на пет проценти од намалувањето, соопшти Европскиот парламент во средата.
Според договорот, европските индустрии ќе треба да ги намалат сопствените емисии за 85 проценти, а од 2036 година земјите членки на ЕУ ќе плаќаат на држави што не се членки на Унијата да намалуваат емисии во нивно име за да се надомести остатокот.
Следен чекор — формално одобрување
Европскиот парламент и земјите членки треба поединечно да го одобрат целниот план за да стане закон – процедура која најчесто е формалност по претходно договорените компромиси.
Овој договор го надминува повеќето климатски ветувања на другите големи економии. Сепак, целта е пониска од онаа што ја препорачаа научните советници за климатски промени и послаба од првичниот предлог, што ја одразува поделбата меѓу земјите членки околу брзината и трошоците на зелената транзиција.
„Овој договор покажува дека климата, конкурентноста и независноста одат рака под рака и испраќа силна порака до нашите глобални партнери. Постигнавме силен, но реален климатски закон“, изјави портпаролот на Европската комисија за климатски промени, Вопке Хокстра.
Компромис меѓу различни интереси
Целта претставува политички компромис по повеќемесечни преговори во кои земјите како Полска, Словачка и Унгарија се спротивставуваа на подлабоки намалувања на емисиите, сметајќи ги за преголем товар за нивните индустрии кои се соочуваат со високи цени на енергија, поевтин увоз од Кина и американски давачки.
Други членки на ЕУ, меѓу кои Холандија, Шпанија и Шведска, предупредија на засилените екстремни временски услови и потребата ЕУ да ја достигне Кина во развојот на зелена технологија како аргумент за поставување на повисока цел.
За да ги придобие противниците, ЕУ се согласи да ублажи некои политички чувствителни мерки, меѓу кои и одложување на воведувањето на цена на јаглерод за горивата до 2028 година.
