Додека европските држави се соочуваат со руската агресија и неизвесните безбедносни гаранции од САД, многу земји од Германија до Хрватска размислуваат за воведување нови форми на воена служба, вклучувајќи и задолжителна регрутација.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека повторното воведување на задолжителниот воен рок во цела Европа е сè уште прерано. Недостасуваат основни предуслови како касарни, полигони за обука, инструктори и култура на лидерство која би ги задржала талентите по службата.
Некои земји, како Австрија, Кипар, Данска и Грција, никогаш не го укинале задолжителниот рок, додека други се ослонуваат на комбинација од доброволни и професионални сили. Истовремено, културните промени значат дека помладите генерации се помалку мотивирани да го стават животот и кариерата на пауза за воена служба.
Бројот на војници во Европа значително опаднал: од над три милиони во 1990-тите на 1,47 милиони денес. Експертите сметаат дека клучот за успешна регрутација е инвестирање во луѓето – конкуретни плати, обука, јасни кариерни патеки, модерно раководство и социјални права.
Моделот на Шведска, кој повикува одреден број осумнаесетгодишници според потребите, а не општа задолжителна служба, се смета за потенцијално решение кое може да се примени и во другите земји на ЕУ, доколку е политички и културно прифатливо.
Заклучокот на експертите е дека идната одбрана на Европа ќе се темели на балансирана комбинација од професионални сили, добро обучени и активни резерви и целни програми за доброволна служба.
