Фон дер Лајен: Време е за кредибилна транзиција во Иран

Урсула фон дер Лајен свика итен безбедносен состанок поради ситуацијата во Иран и повика на кредибилна транзиција кон демократија, сигнализирајќи заострување на ставот на ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес свика посебен состанок за безбедност поради, како што наведе, „актуелната ситуација во Иран“, истовремено упатувајќи повик за промена на режимот и „кредибилна транзиција“ кон демократија во таа земја.

Во објава на платформата Икс, Фон дер Лајен истакна дека за регионалната безбедност и стабилност е од клучно значење да не дојде до понатамошна ескалација преку, како што рече, неоправдани напади од страна на Иран врз партнери во регионот.

Состанокот доаѓа во момент на зголемени тензии, откако Соединетите Американски Држави и Израел извршија, како што соопштија, „превентивни напади“ врз Иран, по неуспешните рунди преговори за иранската нуклеарна програма.

Покрај безбедносните консултации, Фон дер Лајен синоќа повика и на политички пресврт во Техеран. Таа изјави дека е потребна „кредибилна транзиција“ што ќе ги одрази, како што ги нарече, „демократските аспирации на храбриот народ на Иран“.

Според извештаи на европски медиуми, нејзиниот повик за прекин на диктатурата во Исламската Република и напуштање на актуелниот устав сигнализира заострување на ставот на Брисел кон владејачките верски структури во Техеран.

Изјавите на Фон дер Лајен укажуваат на можна промена во тонот на Европската унија кон Иран, во време кога регионалната безбедност повторно е ставена на тест, а дипломатските канали се под силен притисок.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни