Европските сили го предупредија Израел за последиците од можна копнена офанзива во Либан, во време кога израелската армија призна дека спроведува „ограничени и насочени копнени операции“ во јужен Либан против Хезболах, милиција и политичка група финансирана од Иран, пишува Дојче веле .
„Огромна израелска копнена офанзива би имала катастрофални хуманитарни последици и би можела да доведе до долготраен конфликт“, изјавија лидерите на Франција, Германија, Италија, Велика Британија и Канада во соопштението. Тие исто така нагласија дека тоа „мора да се спречи“.
Либан е зафатен од стравувања дека ограничените упади насочени кон „клучните упоришта на Хезболах“, како што го формулираше израелската војска, би можеле да ескалираат во инвазија на јужен Либан, област доминирана од Хезболах.
Во понеделник, либанскиот парламент го продолжи својот мандат за две години. Парламентарните избори, закажани за мај оваа година, беа одложени бидејќи парламентот сметаше дека е нереално да се организираат во услови на војна и масовно раселување.
Пред две недели, кога САД и Израел почнаа да го бомбардираат Иран, Хезболах отвори артилериски оган врз Израел како одмазда за атентатот врз врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи. И ова и покрај повиците од либанската влада да не се вклучува во американско-израелската војна со Иран.
Европските лидери повикаа на разоружување на Хезболах. Сега постојат стравувања од огромни хуманитарни последици во Либан и можно влијание врз Европа во случај на израелска инвазија. Земјата, исто така, со години се бори со економска криза. Кои се стравувањата на европските лидери и каква моќ имаат тие за да го прекинат конфликтот?
„Слушнавме низа европски изјави во кои се бара од Израелците да не ескалираат и да не ја прошируваат офанзивата, без разлика дали во Либан, Газа или на друго место. Но, тоа никогаш не се претвора во нешто повеќе од учтиво барање“, изјави за ДВ Џулиен Барнс-Дејси, директор на програмата за Блискиот Исток и Северна Африка во тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи (ECFR).