Европската комисија изрази позитивна оцена за второто барање на Бугарија за исплата на финансиски средства во рамките на Механизмот за закрепнување и издржливост (РРФ). Сепак, утврдено е дека едно барање, кое се однесува на телото за борба против корупцијата, не е реализирано. Поради ова, ЕК одлучи да одобри само делумна исплата на поддршката, изјави денес портпаролот на ЕК за кохезија и реформи, Мачеј Берестецки.
„Станува збор за постапка за делумна исплата, при што во оваа фаза не ја објавуваме сумата, но испративме писмо до Бугарија во кое ги информиравме за износот што ќе биде суспендиран доколку оваа препорака не биде исполнета“, рече Берестецки.
Тој појасни дека Бугарија сега има еден месец да одговори на нотираните забелешки. Доколку по добиениот одговор ЕК процени дека препораката сѐ уште не е исполнета, исплатата ќе биде суспендирана за дополнителни шест месеци.
На прашањето за верификација на сумите кои ги соопшти бугарскиот премиер Росен Жељазков, кој изјави дека Европската комисија ќе ѝ исплати на Бугарија 440 милиони евра во рамките на РРФ, додека останатите 200 милиони ќе останат замрзнати, Берестецки потенцираше дека во оваа фаза ЕК нема да објави за која сума станува збор, додавајќи дека таа е позната на бугарските власти и не претставува изненадување ако тие ја обелоденат.
Европската комисија претходно информираше дека одобрила делумна исплата на средства од втората транша во рамките на РРФ за Бугарија, откако било констатирано дека државата исполнила 58 од вкупно 59 препораки и поставени цели, но не прецизираше за кој износ станува збор.
Неисполнетата препорака, поради која е донесена одлука за делумна исплата на средствата, се однесува на реформа поврзана со Комисијата за борба против корупцијата и за конфискација на нелегално стекнат имот.