Европската унија се закани дека ќе воведе реципроцитетни царини на американска тоалетна хартија, соја, сенки за очи и стотици други производи доколку пропаднат трговските преговори со САД, пишува CNN. Унијата во понеделникот објави обемен список на производи од САД за кои, доколку не се постигне договор, би можеле да се воведат царини од 25 проценти.
Станува збор за уште еден потег во трговската војна која ја започна американскиот претседател Доналд Трамп со воведување високи царини на стоки од десетици земји. Економистите предупредуваат дека последиците би можеле да ја турнат американската и другите економии во рецесија.
ЕУ ги одложи првите мерки за 90 дена, откако и Трамп привремено ги повлече најавените „царини“ кои ги претстави претходно овој месец. Европските царини требаше да стапат на сила во вторник како одговор на американските царини од 25 проценти на целиот увозен челик и алуминиум.
„Европската унија одлучи привремено да ги суспендира контра мерките на неоправданите американски царини за да остави простор за преговори со Вашингтон“, објави Европската комисија. „Ако преговорите не бидат задоволителни, овие мерки ќе стапат на сила.“
На списокот на ЕУ се наоѓаат околу 400 американски производи кои би можеле да бидат опфатени со повисоки царини уште во средината на јули. Дополнителни 1300 производи би можеле да бидат погодени истовремено или во подоцнежна фаза.
Списокот засега главно ги исклучува клучните американски извозни производи во ЕУ. Според податоците на Европската комисија, базирани на официјалните бројки од САД за 2023 година, најважниот американски извоз во Европа вклучува нафта и гас, лекови, авионска опрема и делови, медицинска опрема и автомобили. Сојата е најголемиот американски земјоделски извозен производ во ЕУ. Мотоцикли и соја се на списокот и би можеле да бидат опфатени со царини од 25 проценти.
На списокот на производи кои би можеле да бидат погодени од европските мерки се и јаткасти плодови како бадеми и свежо овошје од САД.
Покрај царините на челик и алуминиум, Трамп воведе и царини од 25 проценти на автомобили и делови од ЕУ, како и 20 проценти на останатиот увоз од Европската унија. Овие последни царини подоцна беа намалени на 10 проценти во текот на 90 дена. Брисел сè уште подготвува одговор и на тие мерки. Францускиот министер Франсоа Бајру во вторник изјави дека американските потези ги принудиле трговските партнери да реагираат.
„Претседателот на САД предизвика ураган, чии последици нема така лесно да исчезнат, со тоа што преку ноќ, без никакво предупредување, започна глобална трговска војна и воведе царини кои претходно беа незамисливи“, рече Бајру.