Половина милион хектари шуми изгореа во Европската унија во 2023 година, што е околу двојно поголема површина од Луксембург, се вели во извештајот за шумските пожари во Европа, Блискиот Исток и Северна Африка во 2023 година, објавен од Европската комисија.
Ова е причината зошто Европската унија оваа недела презеде проактивни мерки за подобра заштита на заедниците и животната средина, собирајќи 556 пожарникари од 12 земји кои ќе бидат стратешки распоредени ова лето на клучни локации во Европа, како што се Франција, Грција, Португалија и Шпанија.
Европската комисија на својата веб-страница објави дека ќе бидат подготвени да ги поддржат локалните противпожарни бригади кога обемот на шумските пожари ги надминува можностите за одговор на една земја. Дополнително, ова лето ќе има посебна флота rescEU од противпожарни авиони, составена од 28 авиони и четири хеликоптери стационирани во 10 земји-членки.
Од средствата на ЕУ се издвоени и 600 милиони евра за набавка на дополнителни противпожарни авиони, а средствата ќе бидат наменети и за набавка на 12 нови противпожарни единици.
Голем број пожари во 2024 година
Како што наведуваат од Европската комисија во соопштението, во 2024 година веќе имало речиси двојно повеќе пожари од просечната бројка за овој период од годината, но без поголеми последици во однос на опожарените површини.
Суши и високи температури кои можат да придонесат за палење и ширење на шумски пожари повторно се забележани во многу делови од светот во првиот квартал од оваа година. Службата за климатски промени Коперник објави дека февруари 2024 година бил најтопол досега и деветти најтопол месец по ред.
Во Европа, шумски пожари се забележани во многу области, особено во планинските венци низ северните области на Пиринејскиот Полуостров.