Исто така, со оглед на тоа што пејачката Северина Вучковиќ изјави дека ја прашувале за нејзините ставови за Сребреница, од ЕУ нагласуваат дека во Европа нема простор за негирање на геноцидот во Сребреница и дека таквото однесување на Србија по ова прашање ќе биде предмет на оценка во извештајот на Европската комисија кој ќе биде објавен наесен.
„Во контекст на пристапните преговори со Србија, Комисијата ги следи сите случувања во областа на владеење на правото, вклучувајќи ги и темелните права и слободи кои се клучен елемент од пристапниот процес на Србија. Легитимно е Србија да врши сигурносни проверки на своите граници, но важно е тоа да биде во скал до законите на Србија, како и во склад со европските и меѓународните стандарди за човекови права. Тоа не смее да доведе до ограничување на индивидуалните слободи, вклучително и на странски државјани“ изјави портпаролот на Европската комисија.
Тој додаде дека секоја мерка која е наметната врз основа на изразени политички ставови е проблематична и е кршење на ограничувањата од членот 10 од Европската конвенција за човекови права.
„Ставот на ЕУ за негирањето на геноцидот во Сребреница е добро познат. Нема место во Европа за негирање на геноцид, ревизионизам или за славење на воени злосторници. Тоа е во спротивност со најтемелните европски вредности“ вели портпаролот на ЕК.
Извор: Јутарњи лист