Клучен самит во Брисел: Или пари денес – или крв утре, предупредуваат европските лидери

Европската унија денеска носи одлука од историско значење за финансирањето на Украина – најмалку 90 милијарди евра за следните две години

Лидерите на Европската унија денеска се состануваат во Брисел на еден од најнапрегнатите самити во последните години, со цел да донесат клучна одлука за иднината на финансиската поддршка за Украина во периодот 2026–2027 година.

Во фокусот на разговорите е обезбедување најмалку 90 милијарди евра, откако САД најавија повлекување од дел од финансиската помош за Киев. Европската комисија и повеќе земји-членки предупредуваат дека неуспехот да се постигне договор ќе има директни безбедносни последици – не само за Украина, туку и за цела Европа.

Полскиот премиер Доналд Туск ја сумираше драматичноста на ситуацијата со зборовите: „Работата е едноставна – или пари денес, или крв утре.“

Руски замрзнати средства – централната точка на спорот

На маса е таканаречениот „репарациски заем“, кој би се темелел на замрзнатиот имот на Руската централна банка во Европската унија. Планот предвидува Европската комисија да ѝ овозможи на Украина бескаматен заем, финансиран преку користење на овие средства.

Сепак, Белгија, каде што се наоѓа најголемиот дел од руската имотина преку финансискиот гигант Euroclear, засега го предводи отпорот. Брисел стравува од сериозни правни последици и можни тужби доколку Русија во иднина побара враќање на средствата.

Дополнителна конфузија внесе Унгарија, која тврди дека планот со руската имотина е повлечен, иако високи претставници на ЕУ инсистираат дека тој сè уште е активен и дел од преговорите.

Притисок врз лидерите: Самитот мора да заврши со договор

Европската комисија и повеќе земји-членки предупредуваат дека самитот мора да заврши со јасен договор. Во спротивно, Украина би останала без клучни средства за одбрана, додека Белгија би се нашла без европска заштита од можни правни ризици.

Ова го прави денешниот состанок не само финансиски, туку и стратешки пресврт за Европската унија – тест за нејзината способност да дејствува единствено во време на војна, геополитички притисоци и ослабено трансатлантско партнерство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни